Во Културно-информативниот центар во Белград вечерва беше отворена изложбата „Регенерација“ на која се претставија три афирмирани претставнички на современата македонска ликовна уметност, Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска со обединувачки мотив – рефлексии врз уметникот во годините на пандемијата со Ковид-19.
Нивната заедничка ликовна концепција упатува јасно предупредување и порака „да не се предаваме на културата на заборавање, но и во сопствените регенерации низ сите животни процеси и предизвици, да ги имаме културата и уметноста како свои упоришта и сигурни прибежишта“.

- Лајтмотивот на вечерашнава изложба е пандемијата од Ковид-19 со која бевме опседнати и допре до сите нас, животно не загрозуваше и затоа изложбата се вика Регенерација – поради начините на реакција на уметникот за тоа преживување. Затоа во нивните дела забележуваме жилети, ќибритчиња, крв, остатоци од човечки тела изработени од лисја. Некаде ќе забележиме силни пораки кои не се само двосмислени туку имаат и повеќеслојно значење.Поентата е Регенерација – културата на секого од нас во многу животни фази и препреки и премрежија може да ни биде и упориште и засолниште, но исклучителен сојузник со предизвицит. нагласи директорот на КИЦ во Белград, Васко Шутаров.
Маја Кировска, една од оние кои се претставија на изложбата вели дека во нивните дела се вградени траекториите на личните процеси на свое целосно регенерирање и враќање кон нормалните и вообичаени правила и стандарди на живеење.
- Во изложбата го рефлектиравме се она за кое размислувавме, она што не измачувало во периодот на ограничувања. Неизвесно беше како човекот ќе излезе од таа пандемија, но човекот излезе дека е жилав организам и го надмина тоа – затоа решивме да ја наречеме Регенерација со која даваме надеж – целта на постоењето ја гледаме во ширење позитивна енергија и затоа и такво име и дадовме на изложбата – иако се вградени во неа сите стравови. Името е Регенерација и означува Генерација – Различна генерација – Обновување и Генетика. Во изложбата експериментираме со различни медиуми, вели Кировска.
Изложбата во КИЦ во Белград ќе трае до 9 јули.