Вчера пред многубројната хрватска публика во македонскиот КИЦ во Загреб беше отворена изложбата ,,The Vlatko Stefanovski Experience” во чест на 50-години кариера на легендарниот гитарист.
На изложбата е претставен избор на концертни фотографии кои евидентираат различни фази од кариерата на Влатко Стефановски потпишани од Ангел Ситновски, Стефан Рајхл, Огнен Ацевски и Немања Ѓорѓевиќ – автори кои со години го придружуваат Стефановски на неговите бројни настапи и турнеи во Македонија, Хрватска и пошироко.
Покрај фотографиите, изложбата вклучува и промотивни материјали поврзани со соработката на Стефановски со „Теохаров аудио“, со кои заеднички ги дизајнираа познатите звучници „леџендари“ – технолошки и дизајнерски напредни уреди што добија голема популарност.
Автор на изложбата е Ненад Георгиевски, познат по долгогодишната работа како музички новинар кој посетил огромен број концерти, направил интервјуа со големи музички ѕвезди, а голем дел од интервјуата ги објавил за значајни светски музички медиуми. Според Георгиевски, „Влатко е уметник кој постојано докажува дека звукот може да биде и емотивен компас и културен идентитет“.
Изложбата ја отвори директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска која истакна дека , „низ објективот на овие фотографи, се отвора единствена визуелна архива која ја следи солистичката кариера на Влатко Стефановски – од раните соло настапи, преку бројните музички соработки, па сè до денешните концерти кои продолжуваат да ја пленат публиката со својата виртуозност и изразена емоција“.
Бројната публика преку видео снимка ја поздрави и легендарниот гитарист, Влатко Стефановски.
На отворањето на изложбата присуствуваа, г-ѓа Маријана Петир, пратеничка во Собранието на Р. Хрватска, г-н Горан Божиновски, вршител на работите во македонската амбасада, протоереј ставрофор Кирко Велински, парохиски свештеник на Македонската православна црква во Хрватска, претставници на државната и локалната самоуправа во Република Хрватска, г-ѓа Зорица Велиновска, член на Советот за национални малцинства и заменик на Советот на македонското национално малцинство во градот Загреб, претставници на Заедницата на Македонците во Хрватска, претставници на дипломатскиот кор во Република Хрватска, истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, бројни загрепчани како и Македонци кои живеат, односно работат или се школуваат во Загреб.