Во Прилеп свечено ќе биде отворен 59. театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Со доделувањето на наградите за животно дело и со претставата „12“ на МНТ вечер во Прилеп свечено ќе биде отворен 59. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

На сцената од Домот на културата „Марко Цепенков“ вечер од 20 часот наградите за животно дело ќе им бидат врачени на актерите: Соња Михајлова, Снежана Конеска – Руси и на Гоце Тодоровски.

Претставата „12“ на МНТ од Реџиналд Роуз, во режија на Синиша Евтимов е прва од 9-те претстави на македонските професионални театри што ќе ги види публиката во официјалната конкуренција. До 13 јуни уште пет претстави од независната продукција, промоции, разговори на тркалезната маса и повеќе настани ќе донесе годинашново фестивалско издание.

Годинашново мото на фестивалот е „Смеј се и осмели се“.

-За ова издание на фестивалот, од одгледаните претстави (и во институционалните театри и од независната продукција) се воспостави или се наметна впечатокот дека доминираа претстави во кои може да се препознаат ставот на режисерот и потребата да се создава автентична театарска продукција. На репертоарите во македонските театри повторно може да се забележи разногласие во однос на изборот и стилот на театарската продукција. За пофалба е поставувањето на неколку драми од македонски автори, со што конечно може да се види и дел од идејата за етаблирање на домашната драма. Со овој избор на претстави и имајќи ја предвид тековната ситуација со театарските сцени во Прилеп, а во контекст на мојата четиригодишна програма „Враќање дома“, се обидов да ја раскажам актуелната приказна на современиот македонски театар, вели Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“.

Во конкуренцијата за награди се и претставите:  „Парови“ на Драмски театар – Скопје, претставата „Ричард Трети“, продукција на Албански театар – Скопје, „Слепци“ на Турски театар – Скопје, претставата „Црно семе“ на Народен театар – Битола, „Бура“ на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, претставата „Рацин“ во продукција на Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес, потоа „Сите прекрасни нешта“ на Народен театар – Штип  и претставата „Пар-распар“ на Театар Комедија − Скопје.

За фестивалските награди и годинава ќе одлучува меѓународно жири, во состав: Нела Оташевиќ, продуцентка од Црногорско народно позориште, Иван Меденица, театролог и професор од Белград и Лилиа Абаџиева, театарска режисерка од Бугарија. Од годинава наградата за музика ќе го носи името на Филип Стевановски.

Кај публиката има огромен интерес за да се гледаат претставите на Фестивалот. 

Зачлени се на нашиот е-билтен