Започна 24. издание на Битола Отворен Град со изложба на Харис Муриќ и нови културни содржини

Со утрински прес и отворање на изложбата „When Do I Stop?“ од визуелниот уметник Харис Муриќ, денес започна 24. издание на фестивалот Битола Отворен Град – настан што веќе четврт век е повеќе од културна манифестација, претставувајќи платформа за нови гласови, генерации и уметнички изрази кои не се подложни на маргинализација.

На прес-конференцијата зборуваа директорот на МКЦ-Битола, Сашо Додовски, извршниот директор Златко Талевски, како и самото уметничко име зад изложбата, Харис Муриќ. Во рамки на фестивалот, Муриќ се претставува со избор на 25 постери – резултат на едногодишен креативен предизвик во кој секоја недела од 2024 година создал по едно ново дело.

„Фестивалот не е тука за да создава трендови, туку за да обезбеди континуитет на културните практики,“ истакна Сашо Додовски. „Битола Отворен Град е важен дел од идентитетот на МКЦ и на самата Битола – упорна точка на културната автономија која не се прилагодува на шаблони, туку ги создава.“

Златко Талевски додаде: „Секоја година сè се менува, освен потребата на младите да имаат простор, сцена и слобода на изразување. Овој фестивал е за нив – за оние кои први го прават чекорот, кои први излегуваат на сцена.“

Харис Муриќ, кој доаѓа од Гостивар и веќе една деценија е активен на скопската креативна сцена, изрази дека изложбата што ја претставува во Битола е резултат на неговиот копнеж за нешто поинтроспективно, создадено во контекст на прекумерната изложеност на комерцијален дизајн. „Овој проект беше моја можност да бидам и автор и свој клиент. Секое дело е визуелна поезија што дише различно секоја недела,“ изјави Муриќ.

Тој, исто така, се осврна на значењето на уметноста во ерата на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека „AI може да биде алатка, но не и идеја или визија, а уште помалку личен печат.“

Изложбата „When Do I Stop?“ е поставена во МКЦ-Битола и ќе биде достапна до крајот на фестивалот.

Програма за остатокот од фестивалот:

Четврток, 26 јуни

  • 11:00 – DJ работилница со Herzel (Porta Jazz)
  • 22:00 – Концерт на Gnezdo FM Jam Orchestra, кај пешачкиот премин кај х. Епинал, Широк Сокак

Петок, 27 јуни

  • 11:00 – Работилница за поезија со Марија Бошковска (МКЦ Битола)
  • 21:00 – DJ сетови со DJ Goce, DJ Chvare, Double G (Пацио на НУ Музеј Битола)

Сабота, 28 јуни

  • 11:00–17:00 – Берза на винили со DJ Chiko (Кафе бар Јагода)
  • 21:00 – Концерт на млади бендови: PrekuRed, Tsar Von Time, Mamut (Скејт парк, Шеталиште Битола)

Битола Отворен Град 2025 не е само викенд-фестивал – тоа е град што останува отворен за културата, уметноста и зборовите што менуваат.

Фестивалот е поддржан од Општина Битола и бизнис секторот на градот. Влезот на сите настани и за сите локации е бесплатен.

Зачлени се на нашиот е-билтен