На 5 февруари 2026 година (четврток), во Културно-социјалниот простор Центар – Јадро ќе биде отворена продажната изложба „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ.
Инспирирана од теренските искуства и заложбите на тимот за закрепнување на балканскиот рис, изложбата донесува серија слики преку кои посетителите можат да влезат во балканската шума и да се запознаат со светот во кој младата балканска рисица Зора живее заедно со други видови како дел од еден меѓусебно поврзан екосистем.
Наместо да ги претставува животните како симболи или статистика, уметницата избира да ги портретира како засебни протагонисти, поканувајќи ги посетителите да ги увидат нивното присуство, ранливост и значење во самата шума. Токму ваквиот пристап го одликува креативниот израз на Драгослава Ѓуриќ, која се занимава главно со маслено сликарство, а инспирацијата ја црпи од дивиот свет, шумите, мочуриштата и меѓусебно поврзаните животи кои ги одржуваат природните еко-системи.
Уметничките слики, што таа за првпат ги изложува во Скопје, ќе може да се купат, а дел од средствата ќе бидат наменети за поддршка на натамошната работа за закрепнување на балканскиот рис.
Покрај сликите, изложбата ќе вклучува и избрани теренски фотографии и материјали направени од тимот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, преку која Македонското еколошко друштво веќе 20 години работи на зачувување на оваа кревка популација во нашата земја. Во голема мера направени со фото-замки, овие фотографии доловуваат како изгледаат реалните опкружувања на рисот и работата на терен којашто придонесува за неговиот опстанок во овие краишта.
Изложбата е бесплатно достапна за сите возрасти и во Скопје ќе трае до 12 февруари, по што ќе биде поставена во Косово, каде што исто така се спроведува Програмата за закрепнување на балканскиот рис.