Зоран Кардула ќе се претстави со нова изложба насловена „Flora Imaginarium“ утре во НОБ

„Flora Imaginarium“ е името на изложбата на уметникот и графички дизајнер Зоран Кардула, која утре ќе биде отворена во Националната опера и балет во 20 часот.

„Изложбата е инспирирана од еден проект кој го работев последниве две години, за еден познат македонски бренд. Се надевам ќе уживате и покрај топлото време“, напиша тој на својот Фејсбук профил.

Зоран Кардула е познат по своите поп-арт и конструктивистички естетики. Кардула овој пат ги комбинира елементите на илустрација, графички дизајн и визуелна поезија. Изложбата се состои од повеќе дизајнирани постери, дигитални колажи и експериментални графички композиции кои ја прикажуваат флората како визуелна симфонија, но и како форма на тивка критика.

Делата на Кардула се карактеризираат со експресивни бои, стилизирани органски форми и суптилен наратив кој го истражува односот меѓу човекот, екологијата и потрошувачкото општество.

Кардула е еден од најистакнатите македонски уметници и дизајнери, чија работа е препознаена и надвор од границите на земјата. Добитник е на повеќе меѓународни признанија, а неговите дела се изложувани во САД, Италија и ширум Балканот.

Познат е по редизајнот на југословенските филмски плакати, соработките со брендови како Swatch и Swarovski.

Зачлени се на нашиот е-билтен