Звонко Димоски ја објави „Ex nihilo: Репортажна поезија за Андалузија“

Димоски

Ex nihilo: Репортажна поезија за Андалузија“ на Звонко Димоски е ракопис што на оригинален начин ги обединува поезијата, патописот и документарниот пристап во современ книжевен текст инспириран од културната и духовната историја на Андалузија.

Делото е конципирано како документарно-поетски циклус во кој Андалузија се чита како простор на историска меморија, мит и лична внатрешна географија. Делото ја развива формата на репортажна поезија — современ жанр што ги поврзува фактографијата, авторското сведоштво и поетската слика.

Структурно, книгата претставува заокружен поетски циклус составен од дваесет и четири тематски целини, посветени на конкретни места, личности и симболи од андалузиското културно наследство. Во фокусот се градови како Кордоба, Гранада, Кадис и Херес, но и фигури како Ибн Зајдун, Валада и Лола Флорес, преку кои се отвора поширока културна и историска перспектива.

Секоја песна функционира како поетска репортажа, надополнета со елементи на историско толкување и кратки воведни белешки, создавајќи впечаток на културна хроника во стих. Авторскиот пристап ја претвора Андалузија во симбол на повеќекултурност, соживот и духовна светлина, каде што се преплетуваат традициите на исламот, христијанството и јудаизмот, музиката на фламенкото и чувството на историска меланхолија.

Насловот „Ex nihilo“ ја носи идејата за создавање од ништо, но и за повторновоспоставување на културните врски преку поетскиот јазик. Во таа смисла, книгата ја третира Андалузија како метафора за нов почеток, за враќање кон корените и за можноста за разбирање меѓу различни културни искуства.

Со својот интеркултурен, визуелен и документарен карактер, „Ex nihilo: Репортажна поезија за Андалузија“ претставува значаен придонес во современата македонска книжевна продукција, отворајќи простор за нови поетски модели и за афирмација на книжевноста како простор на културен дијалог

Книгата е во издание на Полица, реализирана со поддршка на Министерствот за култура и туризам.

Ана В. Рингачева: Ракописот „Ex nihilo – Репортажна поезија за Андалузија“ на читателот му нуди можност да ја запознае Андалузија, но не како географски предел, туку како духовен простор – живо место што се преселува во срцето на читателот. Во него, документарната прецизност постепено се преточува во чиста поезија, оставајќи силна емоционална трага и нова димензија во современиот македонски поетски израз. Оваа поетска книга сведочи за редок спој на интелектуална рефлексија и длабока лична чувствителност, кој создава впечатлива читателска блискост.

Мариола В. Миколајчакова (Полска): Поезијата на Димоски создава впечатлива синтеза меѓу патописното сведоштво и лирската чувствителност, претворајќи го просторот во симболичен топос на внатрешното искуство. Неговите стихови ја откриваат Андалузија како метафора за враќањето кон изворната емоција и духовната припадност. Со тоа, авторот успева да изгради поетски свет што истовремено е конкретен и универзален, близок и длабоко созерцателен.

Зачлени се на нашиот е-билтен