Британската шаховска надеж, 10-годишната Бодхана Сиванандан од северозападен Лондон, испиша историја на Британското шаховско првенство во Ливерпул, откако го совлада велемајсторот Пит Велс, на неговите 60 години.
Со оваа победа во последното коло од шампионатот, Сиванандан стана најмладата шахистка во светот што успеала да победи велемајстор, на возраст од само 10 години, пет месеци и три дена. Таа го собори рекордот на Американката Кариса Јип, која во 2019 година постигна ваков успех на 10 години, 11 месеци и 20 дена, соопшти Меѓународната шаховска федерација (FIDE).
Сиванандан веќе го освои статусот „женски интернационален мајстор“ – титула која е еден чекор под „женски велемајстор“. Највисокото шаховско признание, титулата велемајстор, ја носат имиња како актуелниот светски шампион Гукеш Доммараџу и легендарниот Магнус Карлсен.
Интересно е што во семејството на Бодхана никој досега не бил шахист. Нејзиниот татко за BBC изјави во 2024 година дека „буквално никој“ од нивната фамилија немал искуство или успех во шах.
Талентот на малата шампионка започнал случајно – за време на пандемијата, кога им биле подарени играчки и книги.
„Во една од торбите видов шаховска табла и ме заинтересираа фигурите. Сакав да ги користам како играчки, но татко ми ми рече дека можам да ја научам играта – и така започна сè“, раскажа Сиванандан за BBC.
Со ваквиот историски успех, 10-годишната шаховска ѕвезда веќе го привлекува вниманието на светската шаховска сцена и ветува блескава иднина.