Американските Центри за контрола и превенција на болести (CDC) ја ажурираа својата интернет-страница и во новата верзија укажуваат на можна поврзаност меѓу вакцините за доенчиња и аутизмот, што предизвика жестоки реакции од стручњаците за јавно здравје и организациите кои ги застапуваат правата на лицата со аутизам.
На обновената страница „Аутизам и вакцини“ CDC наведува:
„Тврдењето ‘вакцините не предизвикуваат аутизам’ не е тврдење засновано на докази, бидејќи студиите не ја исклучиле можноста вакцините за доенчиња да предизвикуваат аутизам.“
Агенцијата исто така додава дека студиите кои ја поддржуваат можна поврзаност биле „игнорирани од здравствените власти“.
Ова претставува значајно отстапување од долгогодишниот став на CDC, кој досега тврдеше дека научните истражувања јасно покажуваат дека „не постои поврзаност меѓу примањето вакцини и развојот на нарушувања од аутистичниот спектар“.
Американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор повеќепати беше обвинуван за ширење дезинформации и за промовирање одамна побиени тврдења дека вакцините предизвикуваат аутизам.
Поранешната директорка на CDC, Сузан Монарез, изјави дека Кенеди Џуниор ја принудил да се повлече од функцијата пред неколку месеци, откако одбила да ги компромитира научните стандарди.
Остра реакција на научната заедница
Промените на страницата предизвикаа силна реакција од Autism Science Foundation, која го обвини CDC дека пораките засновани на докази ги заменил со „антиваксерска реторика и отворени лаги“.
„Науката е јасна — вакцините не предизвикуваат аутизам“, соопшти фондацијата, додавајќи дека ова е докажано со бројни студии спроведени во различни земји, врз различни групи лица, во различни возрасни категории, вклучувајќи и доенчиња, и со различни методологии.
Стручњаците предупредуваат дека ревидираните упатства би можеле да го поткопаат довербата во рутинската вакцинација.
Ажурирањето е направено во период кога CDC планира повторно да ги разгледа можните причини за аутизмот, вклучително и нова студија за потенцијалните биолошки механизми и причински врски.

