Астрономи открија дебела атмосферска обвивка околу карпеста планета

Астрономи откриле дебел атмосферска обвивка околу мала, карпеста планета што наликува на топка од вжештена лава, а се наоѓа надвор од Сончевиот систем и е оддалечена околу 280 светлосни години од Земјата, пренесуваат светските медиуми.

Откритието, направено со помош на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“, ја доведува во прашање досегашната теорија дека релативно малите планети, кои се наоѓаат толку блиску до своите ѕвезди, не можат да задржат сопствена атмосфера.

Заклучоците на тимот астрономи, предводен од експерти од американскиот Институт „Карнеги“, претставуваат досега најсилен доказ за постоење атмосфера околу карпеста егзопланета.

Наодите се објавени во научното списание Astrophysical Journal Letters. Планетата, позната како супер-Земја TOI-561 b, за првпат била забележана во 2020 година и има пречник околу 1,4 пати поголем од Земјиниот.

TOI-561 b ја завршува својата орбита за помалку од 11 часа, поради што припаѓа на ретката класа небесни тела познати како егзопланети со ултракраток орбитален период, пренесува агенцијата Анса.

„Она што ја издвојува оваа планета е нејзината густина, која претставува аномалија. Таа е помала од очекуваното, а составот на нејзината внатрешност не е доволен за да се објасни ова отстапување“, изјави една од авторките на студијата, Јохана Теске.

Научниците ја измериле температурата на осветлената страна на планетата, која достигнува околу 1.800 степени Целзиусови, но и покрај тоа е пониска од онаа што би се очекувала за целосно „оголена“ карпеста планета без атмосфера.

Според Анджали Пјете од Универзитетот во Бирмингем, исто така коавторка на студијата, токму густата и нестабилна атмосфера околу TOI-561 b може да ги објасни сите досегашни набљудувања и резултати до кои дошле астрономите.

Зачлени се на нашиот е-билтен