Австралиец со години чувал бесценет редок метеорит во домот

Австралиецот Дејвид Хол речиси една деценија верувал дека држи во раце сопствени „златни резерви“. Во 2015 година, шетајќи со детектор за метал низ паркот Мериборо, близу Мелбурн, наишол на тежок, црвенкаст камен. Областа е позната по златната треска од 19. век, па уверено помислил дека пронашол камен што крие злато.

Но колку и да се обидувал, каменот не можел да се отвори. Ни чекан, ни жица, ни стандардни алатки не можеле да направат пукнатина. Дури години подоцна, кога конечно решил да го однесе во Мелбурнскиот музеј, Хол открил дека воопшто не станувало збор за злато, туку за редок метеорит стар 4,6 милијарди години.

„Имаше издлабен, испечен изглед, карактеристичен за метеорити што минуваат низ атмосферата,“ објаснува геологот Дермот Хенри од музејот. За време на трите децении работа, Хенри имал прегледано илјадници примероци што граѓани ги носеле мислејќи дека се метеорити. Само два од нив биле вистински. Каменот на Хол бил еден од тие два.

Научниците го анализирале на дијамантска тестера и откриле дека содржи висок процент на железо. Станува збор за тип Х5 хондрит, редок вид камени метеорити што содржат материјал постар од самото Сонце.

Метеоритот, тежок 17 килограми, бил наречен „Мериборо“. Според првичните процени, на Земјата пристигнал пред 100 до 1.000 години, најверојатно исфрлен од астероидниот појас меѓу Марс и Јупитер, по судир на две космички тела.

„Метеоритите се најевтиниот начин да го истражуваме вселенскиот простор,“ вели Хенри. „Тие ни откриваат како се формирале Сончевиот систем и планетите, какви елементи постоеле тогаш, па дури и какви органски молекули кружеле низ космосот пред настанокот на животот.“

Примерокот што го пронашол Хол е исклучително редок. Во државата Викторија досега се регистрирани само 17 метеорити, а најдено е буквално илјадници пати повеќе злато. Единствениот поголем хондрит во регионот тежи 55 килограми и е идентификуван во 2003 година.

„Луѓето постојано наоѓале злато,“ вели Хенри. „Но ваков метеорит, тоа е навистина нешто посебно.“

Така, човекот кој мислел дека пронашол злато, всушност чувал уште побогато парче историја, фрагмент од раните денови на нашиот Сончев систем.

Зачлени се на нашиот е-билтен