Повеќе од 50 лица, главно мажи кои се лекуваат од Паркинсонова болест и други нарушувања на движењето, контактирале со BBC тврдејќи дека нивното сексуално однесување драстично се променило по земањето одредени лекови. Според нивните сведоштва, тие развиле компулсивно и, во некои случаи, опасно сексуално однесување.
Разорни последици за семејствата
Еден од случаите е на Џејмс, кој пред 20 години се пензионирал по дијагноза со Паркинсонова болест. По започнување на терапија со лек од групата допамински агонисти, неговото однесување се променило – почнал да ја шпионира сопругата и да ја принудува на сексуални односи. Иако биле во долгогодишен брак, сега живеат одвоено, а Џејмс бил и институционализиран поради сексуално вознемирување на персоналот.
„Овие лекови ја уништија мојата фамилија“, изјавила нивната ќерка за BBC.
Сличности со синдромот на немирни нозе
Истата класа лекови се користи и за синдром на немирни нозе (СНН), а BBC во март пишуваше дека некои жени кои ги земале овие лекови развиле компулсивна потреба за секс и коцкање, што довело до финансиска и емотивна пропаст.
Потешки случаи на девијантно однесување
Меѓу сведочењата има и:
- Маж осуден за сексуални престапи врз дете;
- Осумдесетгодишник зависен од порнографија со елементи на бестијалност и злоупотреба на деца;
- Татко на тројца деца кој тврди дека имал потреба од секс до седум пати дневно, што довело до два развода.
Сите изјавиле дека пред терапијата не покажувале вакво однесување. Некои, сепак, признале дека уживале во новооткриени сексуални интереси кои биле легални и со взаемен пристанок – и не сакале да го прекинат лекот.
Лековите и нивното дејство
Главниот лек споменат е ропинирол, припадник на агонсти на допаминот – класа лекови што го имитираат дејството на допаминот, природна хемикалија во мозокот поврзана со движење, награда и задоволство. Се користат за Паркинсонова болест, синдром на немирни нозе, тумори на хипофизата и други состојби.
Иако ризикот од импулсивно однесување е одамна познат, BBC открива дека многу лекари сè уште не ги предупредуваат пациентите доволно.
Раните наоди – и доцните предупредувања
Фармацевтската компанија GSK уште во 2003 година открила врска меѓу ропиниролот и т.н. „девијантно“ сексуално однесување, вклучувајќи и педофилија, и ги известила здравствените власти. Меѓутоа, дури во 2007 година овие информации биле вклучени во упатствата за употреба – и тоа со нејасни формулации како „променет сексуален интерес“ или „зголемено либидо“.
Повик за јасни предупредувања
Полет Хамилтон, в.д. претседателка на здравствениот одбор во британскиот парламент, бара итно зајакнување на безбедносните предупредувања:
„Девет од десет луѓе не ги читаат упатствата. А и кога ги читаат – што значи ‘изменет сексуален интерес’? Никој не знае.“
BBC наведува дека многу пациенти кои се обиделе да ја намалат дозата се соочиле со влошување на состојбата, што ги натерало да продолжат со терапијата – и покрај несаканите последици.
Ова истражување отвора сериозни прашања за информираноста на пациентите, одговорноста на фармацевтските компании и потребата од транспарентност во медицинската терапија.