Бил Гејтс: Вештачката интелигенција е „балон“, но ќе го промени светот

Бил Гејтс предупреди дека дел од компаниите што се занимаваат со вештачка интелигенција и покрај нивните огромни тековни пазарни вредности ќе пропаднат во она што го опиша како „хиперконкурентна“ индустрија. Настапувајќи на Неделата на финансиите во Абу Даби, Гејтс истакна дека инвеститорите со право стравуваат од можен пукнат балон на AI-пазарот.

„Вештачката интелигенција е најважната работа што им се случува на технологиите денес“, рече тој, додавајќи дека високите проценки на многу фирми не значат дека тие ќе бидат идните победници. „Тоа е балон во смисла дека не сите овие вреднувања ќе продолжат да растат. Некои ќе паднат.“

Гејтс наведува дека компаниите како Palantir и Tesla имаат P/E сооднос над 200, значително повисок од просекот на индексот S&P 500, кој изнесува околу 25. Падот на глобалните пазари во ноември, поттикнат од стравување од пукање на балон, го потврдува неговото предупредување: „Разумен процент од тие компании нема да вреди толку многу во иднина.“

Иако дел од секторот е „напумпан“, Гејтс е убеден дека AI суштински ќе го промени светот:
„Ова е длабоко значајна технологија која ќе донесе огромни придобивки од здравството и образованието до земјоделството.“

Оваа недела, Фондацијата „Гејтс“ и меѓународни партнери најавија 1,9 милијарди долари за борба против детска парализа и зајакнување на здравствените системи.

Гејтс најави дека следната година ќе биде клучна за глобалното здравје, делумно поради воведувањето AI-алатки: виртуелни лекари што ги разбираат сите африкански дијалекти или AI-консултанти за мали семејни фарми.

„Повеќето земјоделци во Африка обработуваат многу мали површини со ниска продуктивност. Сакам драматично да ја зголемиме нивната ефикасност и гледаме дека тоа е остварливо,“ додаде тој.

И покрај „балонската“ природа на сегашните пазарни трендови, Гејтс заклучи: „Никој не треба да се сомнева дека AI од темел ќе го преобрази светот.“

Зачлени се на нашиот е-билтен