Црн петок или „Ден без купување“: На која страна од современиот консумеризам сте вие?

Во време кога глобалните шопинг-настани како Црн петок ги рушат сите рекорди, расте и спротивното движење – антиконзумеристички иницијативи што повикуваат на воздржаност и преиспитување на потрошувачките навики. Така, на ист ден кога милиони луѓе трчаат по попусти, други одбираат да не купат ништо – ниту онлајн, ниту во продавница.

Конзумеризмот доби нова сила во последните години, поттикнат од социјалните мрежи, инфлуенсерите, бескрајните промоции и агресивните маркетинг кампањи. Црн петок, кој некогаш беше еднодневен настан, денес е трансформиран во цел викенд, потоа во „Сајбер понеделник“, а во некои земји дури и во „Сајбер недела“.

Но, паралелно со ова, се појавуваат сè повеќе движења кои настојуваат да ја ограничат прекумерната потрошувачка. Најпознато меѓу нив е „Ден без купување“, што се одржува секоја година – токму на Црн петок.

Што претставува „Ден без купување“?

Ова е меѓународен протест против глобалниот консумеризам, инициран во 1992 година од канадскиот уметник Тед Дејв и проширен преку магазинот Adbusters. Учесниците се обврзуваат 24 часа да не купат ништо – ниту онлајн, ниту во физичка продавница – со цел да се укаже на штетните последици од прекумерната потрошувачка.

Денот стана глобален, со поддршка во повеќе од 60 земји. Неговата идеја е да се намали отпадот, да се преиспитаат купувачките навики и да се охрабрат активности кои не се врзани за материјални добра: дружење, прошетки, волонтирање, грижа за домашни миленици или учество во локални настани.

„Ден без купување“ е поврзан и со прашања како социјалната нееднаквост и еколошкиот отпечаток. Ги поддржува организациите за реупотреба и продавниците за половна стока, кои спречуваат тонови предмети да завршат на депонии, а притоа им помагаат на семејствата со ниски приходи.

Интернетот е поделен

Како што расте ова движење, така се продлабочуваат и поделбите на интернет. Дел од корисниците ја поддржуваат идејата за штедливост, одржлива потрошувачка и секундарни продавници. Други, пак, велат дека, во време кога за многу млади луѓе речиси е невозможно да купат дом или да заштедат за пензија, „малите задоволства“ како шопингот не треба да се осудуваат – феномен познат како „YOLO“ или „Little Treat culture“.

Експлозија на антиконзумеристички движења

Овој Црн петок е обележан со рекорден број иницијативи против прекумерната потрошувачка. Освен „Ден без купување“, тука се и кампањите „We Ain’t Buying It“ и „Make Amazon Pay Day“, насочени против големите корпорации.

Покренат е и масовен бојкот што трае од 25 ноември до 1 декември, насочен кон компании како Amazon, Home Depot и Target. Бојкотот протестира против прекршувања на работнички права, политичка поддршка за Доналд Трамп и повлекување на програмите за различност и инклузија.

„Amazon и нивните политички сојузници се обложуваат на техно-авторитарна иднина. Но работниците оваа година порачуваат: доста е“, изјави Кристи Хофман од UNI Global Union. Таа нагласи дека моделот на работа на Амазон ја продлабочува нееднаквоста и го нарушува правото на работниците да се организираат.

Паралелно со тоа, кампањите повикуваат граѓаните да го насочат својот буџет кон локални, одржливи, мали и независни бизниси – особено оние што ги водат жени, имигранти, малцински заедници или сопственици кои одбиваат да подлегнат на политичкиот притисок.

Во крајна линија, прашањето што се поставува е едноставно: дали ќе купувате – или ќе одлучите да не купувате – и на која страна од овој глобален судир меѓу потрошувачите и антиконзумеристите ќе застанете?

Зачлени се на нашиот е-билтен