Аукциската куќа „Кристи“ соопшти дека познатата електрична гитара што ја користел Дејвид Гилмор за време на снимањето на сите албуми на „Пинк Флојд“ помеѓу 1970 и 1983 година е продадена за рекордни 14,6 милиони долари.
Резултатот го прави инструментот познат како „Црн Стратокастер“ најскапата гитара некогаш продадена на аукција. Идентитетот на купувачот не се открива, објавува Би-Би-Си.
Гитарата се појавува на некои од најзначајните снимки на „Пинк Флојд“, вклучувајќи ги „Темната страна на месечината“, „Wish You Were Here“ и „Ѕидот“.
Пред аукцијата, „Кристи“ предвиде дека „Фендер Стратокастер“ на Гилмор ќе се продаде за помеѓу 2 и 4 милиони долари.
Досега, за најскапа гитара во светот се сметаше електро-акустичната гитара „Мартин Д-18Е“ од 1959 година што ја користел фронтменот на „Нирвана“, Курт Кобејн, за време на легендарниот концерт на „MTV Unplugged“ во 1993 година. Беше продадена на аукција во 2020 година за 6 милиони долари.
На истата аукција беше продадена и друга гитара што му припаѓаше на Курт Кобејн – син „Фендер Мустанг“ користен во снимањето на видеото за песната „Smells Like Teen Spirit“. Инструментот достигна цена од 6,9 милиони долари.
Продажбата се одржа како дел од аукција, на која беше понуден дел од колекцијата на американскиот милијардер Џим Ирсеј, кој почина во 2025 година.
Меѓу лотовите имаше и голем број други музички инструменти што им припаѓаа на рок-ѕвезди. Пијаното на Џон Ленон беше продадено за 3,2 милиони долари, највисоката цена што некогаш беше платена за предмет на Битлси.
„Со секој лот што го продадовме, се чувствувавме како да сме сведоци на историски момент“, рече Џулиен Праделс, раководител на „Кристис Америка“.
Други продадени предмети вклучуваа:
- Електрична гитара изработена по нарачка за пејачот и гитарист на „Грејтфул Дед“, Џери Гарсија. Инструментот, познат како „Тигер“, беше купен за 11,6 милиони долари.
- Рачно напишаниот текст на песната „The Times They Are A-Changin’“, напишан од Боб Дилан, беше продаден за 2,5 милиони долари.
- Комплет тапани што му припаѓаше на тапанарот на Битлси, Ринго Стар, беше продаден за 2,4 милиони долари.
- Труба во сопственост на џез легендата Мајлс Дејвис, беше продадена за 1,6 милиони долари.
- Тетратка со рачно напишаното сценарио на Силвестер Сталоне за филмот „Роки“ – 508.000 долари.
- Наметката што ја носеше легендарниот боксер Мухамед Али за да се мери пред натпреварите – 444.500 долари.
Според Кристи, вкупната вредност на 44-те предмети од колекцијата Ерсеј понудени на аукцијата достигна 84 милиони долари.