Дали ChatGPT наскоро ќе ни прикажува реклами?

Идните кориснички искуства со ChatGPT би можеле да претрпат значајни промени, откако софтверски инженер откри индикации дека OpenAI тестира нов систем за огласи во апликацијата. Според порталот Futurism, инженерот Тибор Блахо анализирал најнова бета-верзија на Android апликацијата и забележал делови од кодот обележани како „feature ads“, во кои се појавуваат и термини како „search ad“ и „search ads carousel“.

Овие траги упатуваат на тоа дека OpenAI разгледува можност за интегрирање комерцијални содржини во ChatGPT, што би претставувало значаен пресврт, со оглед на тоа што услугата три години функционираше без реклами. Истовремено, аналитичарите потсетуваат дека компанијата е под финансиски притисок да обезбеди поголеми приходи, бидејќи развојот на вештачката интелигенција бара огромни инвестиции.

Од OpenAI досега пристигнуваа различни пораки за тоа дали огласите се дел од идните планови. Финансиската директорка Сара Фрајер минатата година изјави дека компанијата го разгледува моделот, но подоцна рече дека нема конкретна иницијатива. Извршниот директор Сем Алтман порано ги нарекуваше огласите „последно решение“, но неодамна изјави дека не е против експериментирање со таков формат.

Сепак, знаци за промена постојат подолго време. Неколку медиуми објавија дека OpenAI ангажира експерти за огласување од големи технолошки компании, како и дека се разгледуваат модели за персонализирани реклами засновани на податоците од интеракциите на корисниците со ChatGPT.

Можното воведување огласи го отвора прашањето за етичката страна на ваквиот пристап. Корисниците често му доверуваат на ChatGPT информации кои ретко ги споделуваат со други дигитални услуги, што го прави прашањето за приватност и можната манипулација особено чувствително. Освен тоа, вештачката интелигенција создава поинтимна интеракција од класичната интернет-пребарувачка, што би можело да ја зголеми ранливоста на корисниците кон агресивно рекламирање.

OpenAI не би бил единствениот на пазарот што го испитува овој пристап – Google веќе вградува спонзорирана содржина во своите AI прегледи, а експерименти со реклами спроведуваат и Perplexity и платформата за AI дружење Chai.

Зачлени се на нашиот е-билтен