Детската парализа повторно чука на врата: Наместо искоренување, светот се соочува со нова закана

Болеста која светот речиси ја испрати во историјата повторно се заканува да стане глобален здравствен предизвик. Детската парализа (полио), за која со децении постоеше надеж дека ќе биде целосно искоренета, сега се враќа како резултат на низа системски пропусти, манипулации и несакани ефекти од оралната вакцина.

Според истрага на „Асошиетед прес“, во последните години во земји како Пакистан и Авганистан биле забележани сериозни неправилности за време на масовните вакцинации. Медицински лица сведочат дека често биле внесувани лажни податоци, вакцини биле делени од необучени лица, а цели заедници биле целосно прескокнати. За да се задоволат меѓународните донатори, наводно биле пријавувани измислени бројки, додека дел од децата останувале без заштита.

Проблем дополнително создава и самата орална вакцина (ОPV), која со децении се сметаше за клуч во борбата против полиото. Иако ретко, токму вакцината може да предизвика мутација на вирусот, а ослабениот соев понекогаш се шири во средини со ниска стапка на имунизација. Денес, токму вакцинално-поврзаните случаи се најголем извор на нови инфекции надвор од Авганистан и Пакистан.

Светската кампања за искоренување на полиото започна во 1988 година и досега резултираше со вакцинација на повеќе од три милијарди деца. Според проценките, спречени се околу 20 милиони случаи на парализа. Но, и покрај овие успеси, крајната цел постојано се оддалечува. Роковите за целосно искоренување досега биле пробиени најмалку шест пати.

Иако полиото денес е ендемично само во Авганистан и Пакистан, неговото повторно појавување во други региони го загрижува светот. Здравствените експерти предупредуваат дека глобалната заедница стои пред парадокс: наместо конечно да слави победа над болеста, реалноста е дека постои ризик таа повторно да стане светска закана.

Зачлени се на нашиот е-билтен