Мета го прекинала внатрешното истражување за ефектите од Фејсбук и Инстаграм врз менталното здравје откако пронашла доказ за причинско-последична врска меѓу користењето на нејзините платформи и негативните психолошки последици кај корисниците. Овие наводи произлегуваат од поднесоци во тужбата што ја поднесоа американски училишни окрузи против Мета и други дигитални платформи.
Според документите прибавени во судската постапка, во рамки на истражувањето од 2020 година — познато под кодното име „Project Mercury“ — научници од Мета соработувале со истражувачката компанија Нилсен за да го оценат ефектот од „деактивирање“ на Фејсбук и Инстаграм. Како што пренесе Ројтерс, компанијата сакала да утврди како привремено исклучување од платформите влијае врз менталното здравје.
Резултатите, меѓутоа, биле разочарувачки за Мета. Според интерните документи, „лицата што една недела престанале да го користат Фејсбук пријавиле помалку депресија, анксиозност, осаменост и социјално споредување“.
Наместо да ги објави резултатите или да започне дополнителни истражувања, Мета го стопирала проектот и внатрешно оценила дека негативните наоди биле „компромитирани од постојниот медиумски наратив“ за компанијата.
И покрај тоа, вработени приватно го уверувале Ник Клег, тогашниот шеф на глобалната јавна политика на Мета, дека заклучоците на истражувањето се валидни. Во документите се наведува и интерна комуникација во која еден истражувач коментирал дека студијата „навистина покажува причинско влијание врз социјалното споредување“, додека друг изразил страв дека прикривањето на резултатите наликува на практиките на тутунската индустрија, која „спроведувала истражувања, знаела дека цигарите се штетни, а информациите ги задржувала за себе“.
Во поднесокот се наведува и дека, и покрај сопствените докази за штетност, Мета на американскиот Конгрес му соопштила дека нема можност да ја квантфикува опасноста која нејзините производи ја претставуваат за тинејџерките.
Во соопштение објавено во саботата, портпаролот на Мета, Енди Стоун, изјави дека истражувањето било прекинато поради методолошки недостатоци и дека компанијата континуирано работи на подобрување на безбедноста на своите платформи. „Целокупната документација ќе покаже дека повеќе од една деценија ги слушаме родителите, истражуваме теми што се најважни и воведуваме реални промени за да ги заштитиме тинејџерите“, наведе тој.

