ДЗС: Помалку склучени, а повеќе разведени бракови во третото тримесечје

Во периодот од јули до септември годинава, во земјава се забележува пад на бројот на склучени бракови и значителен раст на бројот на разводи, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според објавените бројки, во третото тримесечје се склучени 3 514 бракови, што претставува намалување од 2,8 проценти во однос на истиот период лани. Истовремено, регистрирани се 470 разводи, односно зголемување од 27,7 проценти во споредба со минатата година.

Овие трендови се надоврзуваат на пошироката дебата за демографските предизвици во земјата. Во јули, премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата размислува за воведување дополнителни даноци за самците, како можност за справување со опаѓачкиот наталитет. Изјавата предизвика остри реакции од опозицијата и од невладините организации, кои порачаа дека брачната заедница мора да остане личен избор, а не услов за даночна политика.

Неколку дена подоцна, премиерот се огласи со појаснување дека не се планира воведување ваков данок, наведувајќи дека неговите зборови биле наменети за отворање општествена дискусија околу загрижувачките демографски трендови и намалувањето на бројот на бракови.

Зачлени се на нашиот е-билтен