Екологисти снимија редок еколошки момент во кичевските шуми

Во шумскиот предел околу село Новосело, кичевско, членови на здружението „Еко Фазан“ забележаа и документираа ретка средба со два примерока на балкански рис (Lynx lynx balcanicus), најголемата дива мачка на Балканот.

Снимките и фотографиите, направени од Лутфи Османи, член на здружението, го прикажуваат грабливецот качен на дрво, во есенска атмосфера, што дополнително ја нагласува уникатноста на моментот. Според здружението, постои голема веројатност дека станува збор за мајка со младенче, со што се потврдува дека ова подрачје служи како живеалиште за овој загрозен вид.

Балканскиот рис се среќава исклучиво во планинските региони на западна Македонија, Албанија и делови од Косово и се смета за национален симбол на Македонија.
Присуството на овој вид во Кичевско ја потврдува важноста на зачувувањето на шумските екосистеми и биодиверзитетот во регионот, како и потребата од продолжување на мониторингот и заштитата на живеалиштата на дивиот свет.

Зачлени се на нашиот е-билтен