Европската вселенска агенција развива хиперсоничен вселенски авион

Уметнички приказ на вселенски авион што би можел да произлезе од европската програма „Инвиктус“. (Фотографија: Frazer-Nash Consultancy)
Уметнички приказ на вселенски авион што би можел да произлезе од европската програма „Инвиктус“. (Фотографија: Frazer-Nash Consultancy)

Европската вселенска агенција (ЕСА) го финансира развојот на хиперсоничен вселенски авион, за којшто се очекува да полета до 2031 година, како што се наведува – ако сè оди според планот.

Авионот се развива во рамките на истражувачката програма „Инвиктус“ (Invictus), предводена од консултантската фирма „Фрејзер-Неш“ (Frazer-Nash), со буџет од 7 милиони фунти (скоро 8,1 милион евра). Конструкторите користеле технологија на „Риекшн енџинс Лтд.“ (Reaction Engines Ltd.) – британска компанија што го градеше џиновскиот вселенски авион „Скајлон“ (Skylon), но беше спречена во тоа поради банкрот минатата година. Клучен дел од технологијата на програма „Инвиктус“ е моторот „САБРЕ“ (Synergetic Air-Breathing Rocket Engine – SABRE), и неговиот дел жаргонски наречен „предладник“ (‘precooler‘).

„Авион што лета со хиперсонична брзина, повеќе од пет пати поголема од брзината на звукот, се соочува со екстремно високи температури поради загревање и триење на воздухот. Типичните авионски мотори не можат да работат во овие услови бидејќи воздухот е премногу топол“, соопшти „Фрејзер-Неш“.

„Предладникот“ го решава овој проблем со ладење на воздухот пред тој да стигне до моторот, дозволувајќи им на конвенционалните авионски мотори да достигнат хиперсонична брзина.

– Хиперсоничниот лет не е само следната граница на воздухопловството, туку е и порта кон нова парадигма за движење, одбрана и пристап до Вселената. Со „Инвиктус“, Европа ја користи можноста да биде лидер во технологиите што ќе го редефинираат начинот на којшто се движиме низ планетата и ќе достигнеме места подалеку од неа. Со совладување на погонот за повеќекратна употреба, ги поставуваме темелите за возила што полетуваат како авиони и достигнуваат орбита како ракети, револуционизирајќи го копнено-орбиталниот пренос, рече Томасо Гидини – раководител на Механичкиот оддел во ЕСА.

Планот предвидува конзорциум предводен од „Фрејзер-Неш“, а ги вклучува и фирмата „Спирит аеросистемс“, Универзитетот Кренфилд и други партнери. Тие треба да испорачаат концепт и првичен дизајн на комплетен систем за летање во рок од 12 месеци. „Целосниот систем за летање“ ќе биде возило за повеќекратна употреба коешто ќе полетува и слетува на писта како авион. Ќе биде оперативен од почетокот на 2031 година и би можел да има различни намени и примени, од економски раст до национална безбедност.

„Инвиктус“ не е единствениот европски вселенски авион во развој. Француската влада и „Дасол авиејшн“ објавија планови за својот авион „ВОРТЕКС“. Владата на САД управува со роботскиот орбитален вселенски авион „Екс-37-Б“, а Кина има сличен летало наречено „Шенлонг“. И британската вселенска компанија „Вирџин галактик“, исто така, користи суборбитален вселенски авион за туризам и истражување. Меѓу другите компании со слични проекти се и „Сиера Невада корп.“, „Дон аероспејс“ и „Рејдијан аероспејс“.

Зачлени се на нашиот е-билтен