Според податоците на европската статистичка канцеларија Евростат, жените во Европската Унија во просек имаат 63,3 години здрав живот, односно години без ограничувања во активностите, додека кај мажите тој број е нешто помал, односно 62,8 години.
Жените во ЕУ живеат во просек 5,3 години подолго од мажите. Просечната возраст на жените е 84 години, додека кај мажите е скоро 79 години.
Што се однесува до здравите години кај мажите, на врвот се жителите на Малта со речиси 72 години, потоа Италијанците со 68,5 години, Швеѓаните со нешто повеќе од 67 години. На дното од табелата се Латвија со нешто повеќе од 51 година, Естонија со 56,5 години и Словачка со речиси 57 години.
Кај жените, најмногу години здрав живот имаат жителките на Малта (нешто повеќе од 71 година), Бугарија (71 година) и Италија (речиси 70 години). Најмалку здрави години имаат жените од Латвија (нешто повеќе од 54 години), Данска (повеќе од 55 години) и Финска (речиси 56 години).