Јадеме, дишеме и пиеме микропластикa, но многу нешта не знаеме за неа.
Веќе е познато дека микропластиката е опасна за животната средина и за нашето здравје. Што прави Европската Унија по ова прашање?
Средоземното Море е шесто најголемо место на акумулација на морски отпад. Има само 1% од светските води, но содржи 7% од вкупните микропластики во светот. Токму затоа француските научници од проектот „Exploration Bleue“ излегоа покрај брегот на Тулон за да го проучуваат влијанието на микропластиката во Средоземното Море.
Истражувањата се водат од страна на НВО „Expédition 7ᵉ Continent“ и нивниот брод долг 27 метри.
„Средоземното Море е затворено море со густа популација. Сите човечки активности завршуваат во морето. Ние ги изучуваме хемиските загадувачи што ги носи пластиката. Веќе знаеме дека сите содржат хемиски загадувачи“, објаснува Александра Тер-Хале, директорка на истражување при Францускиот национален центар за научни истражувања (CNRS) и научен координатор на експедицијата.
Александра долго време ги проучува хемиските својства на загадувачите поврзани со пластиката на Универзитетот во Тулуз.
„Ја мериме и тежиме микропластиката; го анализираме нејзиниот состав. Знаеме дека за производство на пластика се користат над 16.000 хемиски супстанци, од кои 4.000 се веќе класифицирани како опасни.“
Кога морските животни се изложени на микропластики, хемиските супстанци можат да преминат во нивните тела. Бидејќи многу од овие супстанци се нарушувачи на ендокриниот систем, тие влијаат на здравјето на животните. Ефектите врз луѓето сè уште не се целосно разбрани, објаснува Александра:
„Знаеме дека нарушувачите на ендокриниот систем влијаат на целиот хормонален систем во нашите тела. Тие влијаат на плодноста и развојот на канцер, но сè уште имаме многу прашања за ова загадување со пластика.“
Науката сè уште започнува да ги разбира опасностите од микропластиката врз екосистемите и човечкото здравје. Јадеме, дишеме и пиеме микропластики, но сè уште немаме точни алатки за мерење и разбирање на нивните ефекти, велат научниците.
Акциониот план на Европската комисија за нулта загадување има за цел да ја намали микропластиката за 30% до 2030 година. Жан-Франсоа Ѓиглионе, морски микробиолог и директор на истражувања при CNRS, ја предводеше уникатната кампања за собирање примероци од девет главни европски реки во 2019 година и откри микропластика во алармантни концентрации.
„Европа е доста напредна во оваа област“, вели Ѓиглионе. „Порано имавме масовно загадување со пластика, главно од амбалажа и пластики за еднократна употреба. Тоа беше почетната цел на Европската Унија. Сега се надеваме на промена во перцепцијата за пластиката.“
Досега пластиката се гледаше како отпад, и се фокусираше на управување со отпадот. Ѓиглионе се надева дека ЕУ ќе поттикне драстично намалување на производството на пластика и ќе усвои список на хемиски супстанци што ќе бидат забранети во производството на пластика.
Европа направи напредок во ограничувањето на микропластиката, но Ѓиглионе и научната заедница бараат повеќе. Со текот на преговорите за глобален договор за ова прашање, Европа и меѓународната заедница се пред избор: да продолжат со управување со загадувањето или да се справат со проблемот од корен.