Германија должи 82.000 евра на семејството на италијански војник од Втората светска војна

Граѓанскиот суд во Рим ја обврза Германија да исплати 82.000 евра отштета на семејството на италијански војник, повеќе од осум децении по крајот на Втората светска војна. Италијанската новинска агенција АНСА објави дека судот утврдил оти неговото повеќемесечно заробеништво во концентрациони логори во Германија и Австрија претставува воен злостор и злосторство против човештвото.

Војникот поминал над 600 дена во заробеништво по потпишувањето на примирјето меѓу Италија и Сојузниците во септември 1943 година. По примирјето, германскиот Вермахт окупирал голем дел од Италија, која дотогаш била негов сојузник, и во тој период биле заробени стотици илјади италијански војници.

Според адвокатот на семејството, последиците од суровите услови во логорите го следеле војникот цел живот, а тој никогаш не успеал целосно да се опорави. Во 1982 година, по долгогодишна борба со психолошките трауми, тој извршил самоубиство.

Одлуката на судот претставува уште едно признание за страдањата на италијанските воени заробеници и отвора пат за слични барања за обесштетување.

Зачлени се на нашиот е-билтен