Гордана Манева, психолог: Видео игрите не се непријател ако научиме да ги користиме конструктивно

Како што се зголемуваше достапноста на домашната технологија, така кон крајот на 2000-тите и почетокот на 2010-тите играњето на видео игри стануваше се’ почеста форма на забава кај младите луѓе. Денес, тоа се претвори во вистински глобален феномен кој освен забава, претставува и начин за сериозна заработка за оние кои се највешти.

На оваа тема разговаравме со психологот Гордана Манева, која го даде своето професионално мислење за гејмингот како забава, механизам за опуштање но и можност за сериозна заработка.

„Видео игрите можат да бидат и средство за релаксација и психички напор, сè зависи од контекстот во кој се користат, содржината на играта, времетраењето на играњето, како и менталната состојба на играчот. Значајни се и причините поради кои некој игра: дали се работи за забава, натпреварување, бегство од реалноста или нешто трето. За многу млади луѓе, играњето нуди бегство од секојдневниот стрес, можност за опуштање, забава и социјализација. Тоа е активност што го ангажира умот и може да предизвика чувство на задоволство. Сѐ повеќе истражувања покажуваат дека видео игрите, кога се користат умерено и свесно, можат да имаат позитивни ефекти врз когнитивниот развој и менталното здравје, особено преку поттикнување на логичко и стратегиско размислување, креативност и брзо донесување одлуки“, вели Гордана Манева, лиценциран психолог.

Всушност, сè зависи од начинот на користење. Видео игрите можат да бидат одлична алатка за релаксација доколку се играат умерено и со свест за сопственото здравје. Но, кога играњето станува обврска или средство за бегство од реалноста, тие можат да бидат и психички товар. Балансот и умереноста се клучни за максимизирање на позитивните и минимизирање на негативните ефекти.

Кој е вистинскиот ефект на видео игрите? Како тие влијаат на менталното здравје кај децата во развојна возраст, а како кај возрасните луѓе?

Ова е многу значајно прашање, но не постои еден универзален одговор. Ефектот на видео игрите е комплексен и зависи од различни фактори: возраста на играчот, типот на игри, времетраењето, начинот и причините за играње. Кај децата и младите, игрите што бараат стратегија, логика, брзи одлуки и просторна ориентација можат да придонесат за развој на когнитивни способности како што се внимание и меморија. Многу игри поттикнуваат креативност, критичко размислување и соработка. Сепак, мора да се воспостави здрав баланс помеѓу играњето видео игри, социјализацијата и физичката активност“, одговори Манева.

Според нејзиното мислење, ефектот е сличен кај децата и кај возрасните. Видео игрите често служат како начин за релаксација, хоби или дури и когнитивна стимулација. Некои истражувања покажуваат дека игрите можат да помогнат во одржување на менталната острина кај постарата популација, особено игрите што бараат стратегиско размислување и управување со ресурси. Сепак, кога игрите стануваат замена за реалната интеракција или ги попречуваат професионалните и личните обврски, тие можат да предизвикаат изолација и зависност. Во основа, ефектот не зависи толку од самите игри, колку од начинот на користење, целите на играње и психолошката состојба на играчот.

„Уште една тема за која зачестено се зборува е социјалниот аспект на гејмингот, особено во време кога видео игрите стануваат забава којашто е централен дел од животот на голем број на луѓе. Видео игрите можат да вклучат повеќе играчи кои се во постојана социјална интеракција и соработка. На овој начин тие се поврзуваат, комуницираат и дејствуваат заедно, што може да ги подобри нивните социјални вештини, интеракција и градење на пријателства. Играта во тимови бара комуникација, тимска соработка и овозможува чувството на припадност. Во тој контекст, може да се каже дека гејмингот ја олеснува социјализацијата, но на поинаков, дигитален начин. Сепак, ваквата форма на интеракција има и свои предизвици“, вели Манева.

Таа додава дека гејмингот не ја прави социјализацијата автоматски полесна или потешкa, туку ја менува нејзината форма. Тоа е нова територија во која младите, а сѐ повеќе и возрасните, учат како да се поврзат, комуницираат и соработуваат. Од клучно значење е одржувањето здрава рамнотежа помеѓу играњето видео игри и останатите социјални активности. Времето поминато на игри треба да биде во баланс со останатите обврски за да се избегнат негативните влијанија врз социјалниот живот, а да се зголемат позитивните. Одржувањето на рамнотежа помеѓу дигиталниот и реалниот социјален живот е од суштинско значење.

Кои би биле вашите препораки за здрав и балансиран однос кон видео игрите – особено кај децата и младите – од психолошки аспект?

„Од психолошки аспект, здравиот однос кон видео игрите не се состои во нивно целосно избегнување, туку во развивање на умерен, свесен и структуриран пристап. Видео игрите се дел од современото детство и младинската култура, и наместо да ги третираме како ‘непријател’, важно е да научиме како да ги интегрираме на конструктивен начин.

Сепак, денес тоа претставува сè поголем предизвик за родителите, особено бидејќи многу често не се чувствуваат сигурни како да постават граници или да комуницираат со децата околу оваа тема. Често се случува да има или премногу дозволување, или претерано ограничување. И двата екстреми можат да создадат конфликт и да го нарушат односот родител-дете“, вели Манева.

Она што би им го препорачала на родителите e:

Поставете јасни граници – Ограничете го времето поминато пред екран и договарајте точно кога и колку долго се игра. Ова помага во развојот на самоконтрола и создавање здрави навики.

Избирајте квалитетна содржина – Секогаш внимавајте на типот на игри што се играат. Препорачливо е да се играат игри кои поттикнуваат размислување, соработка и креативност, а да се избегнуваат игри со претерано насилна содржина.

Активно учествувајте – Разговарајте со децата за игрите што ги играат, прашајте ги што им е интересно, што учат од нив, дали ги прават среќни или нервозни. Ова гради доверба и ви овозможува да го следите нивниот однос со игрите.

Поттикнувајте баланс – Видео игрите не треба да бидат единствената форма на забава. Важно е децата да имаат време и за физичка активност, учење, дружење во живо и други интереси.

Следете ги промените во однесувањето – Ако забележите повлекување, раздразливост, запоставување на обврски или пореметување на сонот, можеби е време за разговор или консултација со стручно лице.

Бидете пример – Децата учат од возрасните. Ако родителите и самите имаат здрав однос кон технологијата, полесно е и децата да ги усвојат тие вредности.

Зачлени се на нашиот е-билтен