Град без сообраќајни знаци постои во Холандија, сличен модел може да се воведе и во Франција

Сообраќајните експерти сметаат дека ваквиот систем може да функционира претежно во средини со помал интензитет на сообраќај.

Луј Саркози, кандидат за градоначалник на францускиот град Ментон, предлага целосна реконструкција на патната инфраструктура. Меѓу неговите идеи е и отстранување на сите сообраќајни знаци, пренесува списанието Revija HAK.

Синот на поранешниот француски претседател Никола Саркози смета дека на учесниците во сообраќајот треба да им се даде поголема меѓусебна доверба. Сепак, неговите радикални предлози кај дел од јавноста се сметаат за тешко применливи во францускиот контекст.

Како пример го наведува холандскиот град Драхтен, каде отстранувањето на семафорите и сообраќајната сигнализација имало позитивен ефект врз безбедноста во сообраќајот.

„Кога нема тротоари, семафори и бели линии на коловозот, сите се повнимателни“, изјави Саркози за француското радио Радио Монте Карло, додавајќи дека на ваквите локации е забележано намалување на сообраќајните незгоди за околу 40 отсто.

Тој се осврна на искуството од Драхтен, каде покојниот сообраќаен инженер Ханс Мондерман пред речиси 20 години воведе систем без семафори, стрелки и поголемиот дел од класичните сообраќајни знаци. Неговиот концепт на таканаречен „заеднички простор“ привлече големо меѓународно внимание.

Сепак, експертите предупредуваат дека ваквиот модел може успешно да се применува само во средини со слаб сообраќај, каде учесниците можат спонтано да комуницираат и да реагираат едни на други.

Зачлени се на нашиот е-билтен