Еден аргентински полициски службеник доби отштета од Google откако камера на Google Street View го фати во својот двор… гол.
Да, добро прочита — неговиот гол задник, снимен во 2017 година, заврши објавен на интернет, со видливо негово име и адреса, што му донесе голема непријатност.
Случајот почна кога човекот, кој бил зад ѕид висок два метра, бил снимен од камерата без свое знаење. Видеото потоа се емитувало на аргентинска телевизија и широко се споделувало на социјалните мрежи, што доведе до исмејување на службеникот и во неговата работа и во соседството.
Првично, судот во Аргентина го отфрли неговото барање за отштета, објаснувајќи дека тој бил виновен што се прошетал гол во градината на својот дом. Google, од друга страна, тврдел дека ѕидот не бил доволно висок за да гарантира приватност.
Но, апелациониот суд имаше сосема поинаков став. Тие пресудија дека достоинството на човекот е повредено и му доделија компензација од околу 12.500 долари, кои Google ќе мора да ги исплати. Во образложението, судијата нагласи дека „снимањето лице кое не е на јавен простор, туку зад ограда повисока од просечната личност, е јасно нарушување на приватноста“.
Судиите истакнаа дека нема оправдување Google да избегне одговорност за оваа сериозна грешка, особено затоа што компанијата има политика да ги замаглува лицата и регистарските таблички на фотографиите од Street View — што покажува дека знае колку е важно да се заштити приватноста.
Но, во овој случај, освен лицето, снимено било и целото негово голо тело, што, според судот, морало да биде спречено.
Интересно, судот ги ослободи од одговорност телекомуникациската компанија „Кејблвижн СА“ и новинскиот портал „Ел Цензор“, наведувајќи дека тие само ја истакнале грешката на Google, но не биле тие што ја направиле.