Шпанскиот актер Хавиер Бардем направи впечатлива политичка изјава на црвениот тепих на наградите Еми, носејќи кефија – традиционален црно-бел шал, симбол на палестинскиот идентитет и отпор – и говорејќи за, како што го нарече, „геноцидот“ во Газа.
На прашањето за изборот на својата облека, Бардем изјави: „Кон крајот на август, Меѓународната асоцијација на научници за геноцид (IAGS) – која се фокусира на проучување на геноцид – го прогласи тоа за геноцид. Она што го бараме е стопирање на комерцијалната и дипломатската блокада и воведување санкции кон Израел за да престане геноцидот. Слободна Палестина.“
IAGS, најголемата светска професионална асоцијација на научници за геноцид, во својот извештај наведува дека активностите на Израел во Газа ги исполнуваат критериумите за геноцид според Обединетите нации. Во трислојната резолуција се спомнуваат напади врз здравството, образованието и хуманитарната помош, убиство и повреда на десетици илјади деца, поддршка на принудни протерувања, речиси целосно уништување на домувањето и дегуманизирачки реторики против Палестинците. Израелската дипломатија го отфрли извештајот, нарекувајќи го заснован на „лажи на Хамас“ и „неисправно истражување“.
Изјавата на Бардем доаѓа во време на растечки иницијативи во филмската индустрија против дејствијата на Израел во Газа. Над 1.300 уметници, меѓу кои Холивудски и меѓународни ѕвезди како Оливија Колман, Тилда Свинтон, Ема Стоун, Марк Руфало, Риз Ахмед и самиот Бардем, се обврзаа да не соработуваат со израелски филмски институции кои, како што велат, се вмешани во „геноцид и апартхејд против палестинскиот народ“.
Иницијативата, создадена од „Film Makers for Palestine“, ја поддржаа и режисери и актери како Кен Лоач, Јоргос Лантимос, Асиф Кападија, Џошуа Опенхајмер, Лили Гладстоун, Ајо Едебири, Брајан Кокс, Џош О’Конор, Ребека Хол, Бенедикт Вонг, Гаел Гарсија Бернал и Сузан Сарандон.
„Како филмски работници, актери и институции, го препознаваме влијанието на киното во обликувањето на перцепциите. Во овој критичен момент на криза, кога многу влади го овозможуваат масакрот во Газа, мораме да направиме сè што можеме за да се спречи соучеството во таа безмилосна трагедија“, стои во соопштението.
Иницијативата повикува индустријата да не молчи, да не дозволува расизам и дегуманизација и да избегнува соработка со израелски институции – вклучувајќи фестивали, кина, телевизии и продукциски компании – кои се соучесници во кршењето на човековите права.