Hyundai го претстави новиот Ioniq 6 N

Hyundai го претстави новиот Ioniq 6 N, спортската верзија на нивниот електричен седан. Новиот модел доби поагресивен изглед со пошироки браници, нов преден дел и голем заден спојлер со „swan neck“ дизајн. Сето тоа не е само за изглед, аеродинамиката и стабилноста при големи брзини беа во фокусот при дизајнот. Под каросеријата се крие истата погонска платформа како кај Ioniq 5 N, два електромотори со погон на сите тркала, кои во нормален режим испорачуваат 601 коњски сили, а со N Grin Boost копчето, до 641 коњски сили кое трае 10 секунди.

Hyundai вели дека Ioniq 6 N може да постигне од 0 до 100 km/h за 3.2 секунди, но според досегашните тестирања на Ioniq 5 N, се очекува дури и подобар резултат. Максималната брзина е ограничена на 257 km/h.

Hyundai го надгради својот N e-Shift систем кој емитира звук сличен на мотор со внатрешно согорување и нуди искуство како да возите со мануелен менувач – но секогаш можете да го исклучите ако не ви се допаѓа. Со новата генерација на амортизери што активно се прилагодуваат и специјално дизајнирани 20-инчни тркала со Pirelli P Zero 5 гуми, стабилноста и управувањето се доведени на ново ниво.

Тука се и моќни сопирачки со 4-клипни клешти напред со 15.7 инчни дискови и 14.1 инчни дискови позади. Автомобилот доаѓа опремен со 20-инчни бандажи со 275 Pirelli P Zero 5 летни гуми, направени конкретно за овој нов N модел. Суспензијата добива нова електронска контрола која ги прилагодува амортизерите во зависност од условите на патот и стилот на возење.

Автомобилот користи 84 kWh батерија, истата како кај Ioniq 5 N. Според официјалните податоци, таа нуди досег од околу 355 километри според EPA, иако на автопат бројката може да биде пониска. Сепак, со брз полнач, од 10% до 80% може да се наполни за само 18 минути.

Иако цената и точниот датум на продажба сè уште не се објавени, се очекува новиот Ioniq 6 N да чини околу 60.000 долари, што го прави малку поевтин од Ioniq 5 N. Hyundai повторно покажува дека сака да внесе емоција, брзина и забава во светот на електричните автомобили, а Ioniq 6 N е одличен пример за тоа.

Зачлени се на нашиот е-билтен