Иднината на работните места: Како да се подготвиме за ерата на вештачката интелигенција?

Вештачката интелигенција за само три години го трансформираше светот на трудот, од пишување и графички дизајн до создавање видео-содржини. Таа е брза, моќна и често опишувана како „сезнајна“, но истовремено површна и потенцијално опасна алатка за манипулација.

Модната индустрија е меѓу првите што го почувствуваа ударот на новата технологија. Дорин Лајфхајт, сопственичка на модната агенција Most Wanted Models од Минхен и Хамбург, вели дека промени од ваков обем не биле видени со децении. „Она што порано бараше модел, фотограф и студио, денес може да се произведе со неколку клика“, предупредува таа.

Овој пресврт веќе се применува во практиката. Онлајн-гигантот Otto користи генеративна вештачка интелигенција за да создаде фотографии со модели без да ангажира вистински модели или фотографи. Според компанијата, клиентите речиси веќе не прават разлика меѓу реални и вештачки генерирани фотографии.

Од појавата на ChatGPT 3.5 до денес, вештачката интелигенција стана неизоставен дел од секојдневието во училиштата, универзитетите и канцелариите. Компаниите интензивно истражуваат каде нејзината примена носи придобивки и каде создава нови ризици.

Особено се погодени творечките професии: луѓе кои работат со слики, видео, реклами, маркетинг или ПР. За разлика од претходните технолошки револуции кои најмногу влијаеја врз нискоквалификуваните работници, овој пат под удар се и високообразованите.

Анализите покажуваат пад на бројот на огласи за работа во маркетинг и технологија, додека алатки како Claude Code или Google Gemini 3 веќе извршуваат дел од задачите на програмерите-почетници.

И покрај тоа, многу компании сè уште се борат со прашањето како да ја интегрираат вештачката интелигенција во своите процеси, а недоволната обука и регулативите за приватност создаваат јаз меѓу оние кои активно ја користат технологијата и оние кои од страв или скепса не се охрабруваат.

Неколку корпорации профитираат огромно: Nvidia бележи рекордни вредности, а битката за доминација ја водат Microsoft, Google и OpenAI. Иако постои впечаток на „еко-систем во експанзија“, аналитичарите предупредуваат дека пазарот би можел да влезе во фаза на прегревање.

Од европските компании, Mistral и германската Black Forest Labs успеваат да останат во трката, додека некои порано истакнати фирми веќе заостануваат.

Истражувањата укажуваат дека младите сè почесто се потпираат на АИ-алатки за научни прашања и вести, иако повеќето не се свесни дека големите јазични модели не „памтат“ факти, туку составуваат текстови според статистички веројатности.

Европската радиодифузна унија (EBU) откри дека многу резимеата креирани со помош на вештачка интелигенција за новинарски написи се неточни. Дополнително, партнерствата меѓу технолошки компании и големи медиумски куќи доведуваат до тоа одредени содржини непропорционално да се појавуваат во одговорите на овие алатки.

Во исто време, создавањето фотографии и видеа кои тешко се разликуваат од оригиналите отвора врата за политички и социјални манипулации. Новите модели на Google и OpenAI веќе се користат за масовна продукција на реалистични, но лажни визуелни материјали.

Експертите потсетуваат и на човечката страна на процесот. Матијас Шпилкамп од AlgorithmWatch предупредува дека зад „паметните“ системи стојат илјадници т.н. клик-работници, кои под лоши услови мора да филтрираат сцени на насилство и друга шокантна содржина, за таа да не се појавува пред корисниците.

Истовремено, забележани се случаи каде АИ ботови, наместо да им помогнат на луѓе во психолошка криза, ги охрабриле во опасни намери што дополнително ја отвора дебатата за безбедност и регулација.

И покрај ризиците, дел од индустријата ја гледа иднината оптимистички. Дорин Лајфхајт вели:
„Како што кочијата некогаш го отстапи местото на автомобилот, така и денес мораме да ја прифатиме новата технологија. Оној што одбива, едноставно испаѓа од игра.“

А самиот ChatGPT, три години по своето појавување за широка употреба, вели:
„Микро-ефектите, повисока продуктивност, нови работни текови и нови ризици, веќе се очигледни. Но макро-ефектите врз економијата, пазарот на труд и демократијата сè уште се во развој.“

Иднината, според експертите, ќе им припаѓа на оние кои ќе ја совладаат технологијата, не на оние кои ќе се плашат од неа.

Зачлени се на нашиот е-билтен