Ново научно истражување сугерира дека најголемата месечина на Сатурн, Титан, нема огромен подземен океан како што се сметаше со години, туку содржи длабоки слоеви од мраз и „кашеста“ смеса, слични на арктички морски мраз или подземни водоносни слоеви. Наодите се објавени во списанието Nature, а се базираат на повторна анализа на податоците собрани од вселенската мисија „Касини“, соопшти НАСА.
Според истражувачите, и покрај отсуството на голем течен океан, во овие ледени слоеви може да постојат џебови со течна вода, средини во кои, теоретски, би можел да опстане живот. „Постои силна основа за продолжен оптимизам во врска со можноста за вонземски живот“, изјави еден од авторите на студијата.
Научниците од Лабораторијата за млазен погон на НАСА заклучиле дека внатрешноста на Титан е многу повискозна отколку што би била во случај на чист течен океан. Наместо тоа, станува збор за сложена структура од мраз, кашест материјал и помали резервоари со вода. „Наместо отворен океан како на Земјата, веројатно гледаме нешто повеќе налик на арктички мраз или подземни водоносни слоеви“, објасни Баптист Журно од Универзитетот во Вашингтон, коавтор на студијата.
Истражувањето покажува дека во некои од овие џебови температурата на водата би можела да достигне и до 21 степен Целзиусов, што значително ги зголемува шансите за постоење на микроскопски форми на живот. Според научниците, таквите услови би можеле да наликуваат на поларни екосистеми на Земјата, со поконцентрирани хранливи материи отколку во еден голем океан.
Клучниот доказ за новата теорија доаѓа од анализата на влијанието на гравитацијата на Сатурн врз Титан. Бидејќи месечината е гравитациски „заклучена“ и секогаш ја покажува истата страна кон планетата, таа се деформира под нејзиното влијание. Новата студија утврдила временско доцнење од околу 15 часа меѓу гравитацискиот максимум и издигнувањето на површината, што укажува на внатрешност составена од густ, кашест материјал, а не од течна вода.
Сепак, не сите научници се убедени. Италијанскиот астрофизичар Лучано Јес од Универзитетот „Сапиенца“ во Рим, кој претходно тврдеше дека Титан има подземен океан, смета дека сегашните докази не се доволни за целосно да се отфрли таа теорија.
Повеќе одговори се очекуваат од идната мисија на НАСА – „Dragonfly“, летало слично на хеликоптер, кое треба да биде лансирано кон Титан подоцна оваа деценија и да пристигне во 2034 година. Мисијата има за цел подетално да ја истражи површината и внатрешноста на месечината и да утврди колку навистина се поволни условите за живот.
Титан е втората по големина месечина во Сончевиот систем, со дијаметар од околу 5.150 километри, и единствено небесно тело, покрај Земјата, за кое е познато дека има течности на површината, иако таму станува збор за метан и етан, а не за вода.