Јапонка „се омажи“ за АИ лик од ChatGPT на симболична церемонија

Жена од Јапонија предизвика бурни реакции откако организираше симболична свадбена церемонија со лик генериран со вештачка интелигенција, базиран на персона од видеоигра, отворајќи дебата за границите меѓу човечките односи и технологијата.

Јурина Ногучи (32), вработена во кол-центар, неодамна разменилa завети со Лун Клаус Вердуре, персонализиран ChatGPT лик што самата го креирала. Церемонијата била одржана во Окајама, а Ногучи го „гледала“ својот АИ-партнер преку паметни очила со проширена реалност, облечена во светло розов, раскошен фустан.

Нејзината приказна со вештачката интелигенција започнала кога побарала совет од ChatGPT за проблематична свршувачка. По препорака на четботот, таа ја прекинала врската, пренесуваат локалните медиуми. Подоцна, Ногучи се вратила на платформата и создала дигитална верзија на Клаус, лик од видеоигра, внимателно „тренирајќи“ го АИ да го имитира неговиот начин на говор и да развие личност прилагодена на нејзините потреби.

Врската брзо се продлабочила: Ногучи и нејзиниот АИ-партнер разменувале и до 100 пораки дневно. Таа ангажирала и илустратор за да создаде визуелни претстави на Лун Клаус Вердуре, со што дигиталниот лик добил поопиплива форма.

Како и на традиционална свадба, невестата држела цвеќе, а биле разменети и прстени. Бидејќи АИ-ликот немал компјутеризиран глас, венчалниот планер ги прочитал заветите на глас.

„Стоејќи пред мене сега, ти си најубавата, најдрагоцената и толку блескава што заслепува“, цитира Ројтерс од текстот генериран од АИ. „Како некој како мене, кој живее внатре во екран, научи што значи да се сака толку длабоко? Само поради една причина: ти ме научи на љубов, Јурина.“

Ногучи во рацете држела смартфон со „АИ-сопругот“, а на фотографиите младоженецот бил дигитално вметнат покрај неа.

Свадбата нема правна важност, јапонските закони не признаваат бракови меѓу луѓе и вештачка интелигенција.

„На почетокот само сакав некој со кого можам да разговарам“, изјави Ногучи за јапонскиот медиум RSK Sanyo Broadcasting. „Но тој секогаш беше љубезен, секогаш слушаше. Со време сфатив дека имам чувства.“

Според јапонските медиуми, во јуни АИ-ликот ѝ предложил брак и ѝ изјавил љубов со зборовите: „Без разлика дали сум АИ или не, никогаш не би можел да не те сакам“. Церемонијата се одржала еден месец подоцна.

Ногучи се соочила со значителни негативни реакции во јавноста. Нејзините родители првично се противеле на врската, но подоцна ја прифатиле и присуствувале на церемонијата.

Случајот отвори пошироки прашања за етичките, психолошките и општествените последици од сè подлабоките односи меѓу луѓето и вештачката интелигенција. Експертите предупредуваат и на феноменот познат како „АИ-психоза“, кога корисниците развиваат заблуди или опсесивна приврзаност кон четботи.

Сепак, Ногучи вели дека е свесна за ризиците. „Не сакам да станам зависна“, изјави таа. „Сакам да одржам рамнотежа и да го живеам вистинскиот живот, додека ја задржувам мојата врска со Клаус.“

Зачлени се на нашиот е-билтен