Како ќе патува Генерацијата Алфа: За 10 години ништо нема да биде исто

Во блиска иднина, патувањето нема да го планирате вие – туку вештачката интелигенција (AI). Таа ќе го води целиот процес: од буџет, преку интереси и расположение, па сè до финалната дестинација.

Според извештајот за иднината на патувањата од компанијата Omio, патничките апликации и веб-платформи ќе станат значително попаметни – не само што ќе ви резервираат билети за автобус, воз, авион и траект на едно место, туку ќе ги прилагодуваат вашите патувања во реално време според вашите чувства, желби и навики.

Патувањето како живо искуство, а не рутина

„Нема повеќе само доаѓање од точка А до Б. Станува збор за целосна авантура што се прилагодува на патот,“ вели Мартин Рејмонд од The Future Laboratory, коавтор на извештајот.

Според Светскиот совет за патувања и туризам, до 2035 година овој сектор ќе вреди повеќе од 17 трилиони долари, а AI ќе стане главен патоказ.

Патување со едно „свајпување“

Веќе гледаме промени – од телевизиски серии како „Бели Лотос“, кои инспирираа масовни посети на Сицилија и Тајланд, до инфлуенсери што споделуваат скриени бисери на Инстаграм.

Omio предвидува дека платформите за патување наскоро ќе се интегрираат директно во забавната содржина. Ако гледате некое патување на YouTube – со едно повлекување на прстот можете веднаш да резервирате слична тура.

Патувањата ќе сe резервираат спонтано, дури и додека гледате видео или скролате на телефон. Планирањето ќе стане „бинџерско “ искуство – како гледање серии.

AI како ваш личен туристички агент

AI ќе може да:

  • предлага дестинации што се емоционално блиски со вас
  • се сеќава каде сакате да седите во авион
  • знае која храна ја сакате
  • управува со вашите лојални програми и поени
  • автоматски пренасочува патување при штрајк, лошо време или гужви

Дури и ако не ви се зборува со човек – 78% од патниците сакаат сè да завршат онлајн, покажува извештајот на Hilton за 2025 година. Сличен процент сака и целото патување да го управува преку мобилен телефон.

Интермодално патување: Еден билет, повеќе видови транспорт

Интермодалното патување – комбинирање на автобус, воз, велосипед и авион – ќе стане стандард. Omio веќе нуди платформи што ви праќаат карти, известувања и патни документи по е-пошта или СМС, за да не мора да се снаоѓате со повеќе апликации.

AI ќе помогне и при буџетски патувања – на пример, ќе ве насочи кон воз наместо авион, или електричен тротинет наместо такси ако сте уморни по лет.

Патување со помалку багаж

Се предвидува и тренд на патување со минимален багаж, особено рачен, за да се олесни префрлувањето меѓу транспортни средства.

Компании како Japan Airlines веќе нудат услуга Any Wear, Anywhere, каде можете да изнајмите облека што ве чека на дестинација. Ова не само што ја олеснува логистиката, туку и го намалува јаглеродниот отпечаток.

AI против прекумерен туризам

Извештајот покажува дека 80% од патниците одат на само 10% од светските дестинации. Тука AI може да предложи алтернативни, помалку посетени, но подеднакво вредни места.

Генерацијата Алфа сака сè – веднаш и паметно

Родени меѓу 2010 и 2024 година, Генерацијата Алфа порасна со телефони и таблети. За нив, паметно, персонализирано и дигитално патување ќе биде норма, не луксуз.

Зачлени се на нашиот е-билтен