LinkedIn, некогаш сериозна платформа наменета за професионално вмрежување и барање работа, сè повеќе го губи својот кредибилитет. Од персонализирани огласи за работа и автентични објави, денес корисниците се соочуваат со наплив на содржини генерирани од AI, бот-профили и шаблонски мотивациски говори.
Новиот AI-базиран систем за барање работа, наместо да го олесни процесот, ги тера корисниците сами да креираат т.н. prompt-и – команди за вештачката интелигенција. Наместо препораки засновани на реални податоци, корисниците добиваат нерелевантни огласи. Стариот алгоритам едноставно функционираше подобро.
Дополнително, LinkedIn нуди AI-асистент за пишување објави, достапен само за премиум корисници. Но, дури и директорот на компанијата, Рајан Рослански, призна дека алатката не се користи доволно. Очигледно, да звучиш како реална личност – денес е „луксузна“ функција.
Според податоци, LinkedIn во 2024 година избришал над 100 милиони лажни профили, многу од нив со фотографии генерирани од AI, лажни имиња и измислени биографии. Овие профили често шират спам, дезинформации или се користат за маркетинг измами.
Паралелно, бројот на пријави за работа преку платформата е зголемен за 45%, но тоа не значи поквалитетни апликанти. Напротив – благодарение на генеративниот AI, многу корисници аплицираат масовно, без да обрнат внимание на релевантноста. Резултатот? Работодавци се задушени со неквалитетни CV-ја.
Истражување на Originality.ai покажа дека 54% од подолгите објави на LinkedIn биле генерирани или „дотерани“ со помош на AI. Тоа го доведува во прашање кредибилитетот на содржините, бидејќи платформата функционира на принципот на професионален авторитет.
Кога не знаете дали објавата доаѓа од реална личност, дали е искрена мисла или пак само добро скроен AI-пост, довербата во платформата почнува да се распаѓа.
Во обид да го задржи вниманието на корисниците и да привлече огласувачи, LinkedIn се обидува да личи на TikTok: се форсира видео-содржина, алгоритмот промовира engagement наместо експертиза, а „LinkedInfluenceri“ со празни мотивациски објави ја преземаат сцената од вистинските професионалци.
Истовремено, објави за чувствителни или контроверзни теми – како Газа, расизам или ЛГБТК+ права – се често цензурирани или дефорсирани од алгоритмот, во име на „професионалност“.
Сè повеќе објави следат шаблонски стил: почнуваат со трогателна анегдота (на пример: „Ја запросив девојка ми – еве што научив за B2B продажбата“), користат празни редови за драматичен ефект и завршуваат со генерална „животна лекција“. Овој стил, популаризиран од LinkedInfluenceri, често ги потиснува искрените и корисни објави.
LinkedIn се наоѓа на крстопат – помеѓу визијата за AI-базирана продуктивност и ризикот да стане платформа преплавена со неавтентични профили и содржини. Ако довербата во корисниците и содржините продолжи да се нарушува, постои опасност LinkedIn да ја загуби својата основна цел – да биде професионална мрежа.