Како магнетната резонанца може да „вшмука“ предмети – и што мора да знаете пред преглед

Трагичниот инцидент во болница на Лонг Ајленд, Њујорк, повторно го стави фокусот на безбедносните ризици поврзани со магнетната резонанца. Шеесет и едногодишен маж, кој не бил пациент, почина откако бил вовлечен во апарат за магнетна резонанца поради метален ланец кој го носел.

Инцидентот се случил додека апаратот бил активен, а силното магнетно поле, со јачина од 1,5 до 3 Тесла, го привлекло ланецот – што довело до сериозни повреди и фатален исход. Според извештаите, мажот се наоѓал во болницата во придружба на друго лице и по грешка влегол во просторијата додека траел скенирањето.

Како што објаснува д-р Пајал Суд, ако ланецот бил околу вратот, можело да дојде до давење, повреди на рбетот или тапи трауми од удари со апаратот – сценарио со фатални последици.

Зошто МРИ е толку чувствителна на метал?

Магнетната резонанца (МРИ) не користи зрачење како рендген или КТ, туку силни магнетни полиња и радио бранови за да создаде детални слики од внатрешноста на телото. Иако тоа ја прави побезбедна од другите радиолошки методи, моќните магнети носат свои ризици – особено кога има метал во близина.

„Дури и нешто толку едноставно како дезодоранс или метално копче може да биде проблем“, објаснува д-р Бенџамин Навот од Универзитетот Колумбија. „Металните предмети можат не само да бидат опасни, туку и да го нарушат квалитетот на сликите.“

Што треба да направите пред да одите на магнетна резонанца?

Оставете ги сите метални предмети дома
Накит, часовници, клучеви, мобилни телефони, облека со метални копчиња – сето тоа треба да остане надвор од просторијата. Во некои случаи, дури и шминка може да содржи метални честички, особено маскара и вештачки трепки, што може да влијае на скените на главата.

Тетоважи и пирсинзи? Внимавајте!
Старите тетоважи можат да содржат железо што реагира на магнетно поле. Свежи тетоважи и оние со долги линии може да се загреат. Доколку имате тетоважа, информирајте го техничарот – може да се стави ладен облог како заштита.

Повеќето пирсинзи се направени од титаниум, кој не е магнетен, но најдобро е да ги отстраните доколку е можно.

 Медицински уреди – не заборавајте да ги пријавите
Писмејкери, кохлеарни импланти, стимулатори на ‘рбет или други импланти – некои се безбедни за МРИ, други не. Информирајте го медицинскиот тим однапред и носете ги информациите или картичките за уредите со вас. Стручниот персонал ќе може да го прилагоди апаратот или да предложи алтернатива.

Ортодонтски и ортопедски материјали
Фиксните протези и жици се безбедни, но ако се снима устата, можно е да треба да се отстранат. Шрафови и импланти во коските обично не претставуваат проблем.

 Облекување и хигиена
Избегнувајте козметика со сјај или метален ефект. Облечете се едноставно и удобно – без патенти, метални клинци или копчиња. Болниците често даваат специјална облека за време на прегледот.

Зачлени се на нашиот е-билтен