Канаѓанецот Ендру Барбер (39) е пронајден жив по девет дена поминати во дивината на канадската провинција Британска Колумбија, благодарение на пораките за помош што ги оставил на камен и во кал.
Барбер исчезнал на 31 јули во близина на езерото МекЛис, околу 587 километри северно од Ванкувер, откако му се расипал камионот. На 8 август, хеликоптер на Канадската кралска коњичка полиција (RCMP) го забележал неговото возило на шумски пат, што ја насочило потрагата кон потесно подрачје и на крај довело до негово пронаоѓање.
Спасувачите го лоцирале во близина на импровизираното засолниште кое го изградил од гранки и кал, потпирајќи го на карпа на која со камења испишал „HELP“. Според полицијата, бил тешко дехидриран и со повреда на ногата, но сега е во стабилна состојба.
„Пиел вода од вирови и се хранел со што и да пронашол. Човек може да издржи долго без храна, но без вода е поинаква приказна“, изјави наредникот Бред МеКинон. Претседателот на спасувачката служба Quesnel, Боб Цимерман, нагласи дека Барбер веројатно не би преживеал уште 24 часа доколку не бил пронајден.
По спасувањето, тој бил пренесен во болница, каде му била укажана помош, по што бил пуштен на домашно лекување.