Креаторот на „Оземпик“ во сериозни проблеми поради пад на продажбата и загуба од речиси 100 милијарди долари

Данскиот фармацевтски гигант Novo Nordisk, креатор на мегапопуларниот лек за слабеење и дијабетес „Оземпик“ (semaglutide), се соочува со драматичен пад на вредноста на акциите и продажбата, губејќи речиси 100 милијарди долари од пазарната капитализација. Овој пад доаѓа по второто намалување на годинешната прогноза за продажба, а неделата што измина беше најлоша за компанијата во последните две децении, објави „Гардијан“.

Пред само една година, пазарната вредност на Novo Nordisk беше поголема од целата економија на Данска, достигнувајќи повеќе од 600 милијарди долари. Но, недостигот на производи, конкуренцијата и поевтините копии на лекот сериозно ја нарушија позицијата на компанијата.

„Оземпик“ и неговата варијанта за слабеење „Веговј“ се меѓу најпознатите GLP-1 агонисти — лекови кои го имитираат хормонот што го регулира апетитот и нивото на шеќер во крвта. Одобрението на верзијата за слабеење од страна на FDA во 2021 година предизвика светски бум, а истражувањата покажаа и дополнителни здравствени придобивки, како намален ризик од Алцхајмерова болест и срцеви заболувања, па дури и помош во третманот на зависности.

Сепак, компанијата не успеа да ја задоволи огромната побарувачка, што отвори простор за аптеките да продаваат копии на лекот произведени во самите аптеки. Иако американската FDA презеде мерки во мај за ограничување на оваа практика, Novo Nordisk проценува дека околу еден милион Американци сè уште користат копии од лекот.

На удар се и од конкуренцијата. Американскиот фармацевтски гигант Eli Lilly со својот лек „Зепбаунд“ ја презеде водечката позиција на американскиот пазар и во клинички тест покажа 50% поголема загуба на телесна тежина кај корисниците во споредба со „Веговј“. Дополнително, таблетата за слабеење на Lilly, „orforglipron“, која допрва треба да излезе на пазарот, ветува удобна алтернатива на инјекциите и потенцијално пониски производствени трошоци.

Последното истражување за „orforglipron“, објавено во четврток, покажа нешто послаби резултати од очекуваното, што донесе мало олеснување за Novo Nordisk, со што акциите пораснаа за повеќе од 6% тој ден. Но, генерално, цената на акциите на компанијата е намалена за речиси 60% во последната година.

За да ја ублажи кризата, Novo Nordisk ги намали цените на своите лекови и отвори онлајн аптека директно за потрошувачи, но продажбата во првата половина од годинава порасна за само 8% на годишно ниво, во споредба со 21% минатата година. Дополнителен притисок претставуваат и тарифите наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп, кој им даде рок од 60 дена на фармацевтските компании да ги намалат цените, во спротивно ќе следат казни.

Зачлени се на нашиот е-билтен