Led Zeppelin: Како визијата на Џими Пејџ ја промени историјата на рок музиката

Визијата била јасна – но истовремено и комплицирана. Џими Пејџ никогаш не сакал Лед Зепелин да биде само уште еден рок-бенд. Од самиот почеток, неговата идеја била да создаде музички проект што ќе ги помести границите на жанрот – и ќе го направи рокот нешто многу повеќе од гласни гитари и високи вокали.

Иако бендот оставил трага уште со својот деби албум, веќе од вториот – Led Zeppelin II – станува јасно дека станува збор за музичка визија што оди подалеку од очекуваното. Како што пишува Far Out Magazine, Пејџ уште на самиот почеток знаел каков звук сака да создаде: мешавина од блус, фолк, хард рок и психоделија, со длабоко вметнати емоции и вешто контролирана хаотичност.

„Првите две песни кои ги имав за ‘Led Zeppelin II’ беа Whole Lotta Love и What Is and What Should Never Be“, вели Пејџ – две композиции кои, според него, совршено ја покажуваат различноста и експерименталниот дух на бендот.

Особено „Whole Lotta Love“ станала пресвртна точка. Со енергичен риф, разгорен вокал и психоделичен среден дел што звучел како хаос од ветер, ефекти и крешендо, песната била сè што радио-станиците не сакале – но што публиката обожавала.

„Знаев дека нема да има компромиси – инсистирав да го задржиме средниот дел“, се присетува Пејџ. Радио-станиците биле воздржани, но успехот на песната му дал за право. Whole Lotta Love станала глобален хит, без потреба од скратени верзии или класичен радио-формат.

Иако веќе бил искусен музичар преку работата со The Yardbirds и како студиски гитарист, Пејџ со Лед Зепелин направил нешто повеќе: поставил нови стандарди. За него, музиката не била само производ – била форма на уметничка експресија што не смее да се прилагодува на правила.

„Ако продолжиме да правиме сè подолги и подолги песни“, рекол со насмевка, „едноставно нема да правиме синглови.“

Зачлени се на нашиот е-билтен