Лекарите во Германија спасија живот на бебе родено со само 300 грама

Лекарите од Универзитетската болница во Магдебург постигнаа извонреден медицински успех, успевајќи да го одржат во живот предвреме родено девојче тешко само 300 грама, доволно долго за да почне самостојно да се развива, објави весникот „Билд“.

Од болницата соопштија дека девојчето било родено 16 недели пред термин и дека се работи за исклучително рано породување, со оглед на тоа што стапката на преживување кај вакви случаи низ светот изнесува само околу 25 проценти.

Главниот лекар, Ралф Бетгер, изјави дека новороденчето било на респиратор седум недели пред да може да дише самостојно и дека третманот барал исклучително внимателен и прецизен пристап.

Тој додаде дека семејството подолго време останало во болницата за да воспостави и зачува близок контакт со бебето, а девет недели по првично предвидениот термин, родителите конечно можеле да ја однесат ќерката дома.

Според Гинисовата книга на рекорди, најмладото преживеано предвреме родено бебе во светот е Нејш Кин од Соединетите Американски Држави, роден 19 недели пред време со тежина од само 283 грама. Тој својот прв роденден го прослави во јули оваа година.

Зачлени се на нашиот е-билтен