Летните високи температури го зголемија ризикот од цревни инфекции, ова се препораките на ИЈЗ

https://www.scientificanimations.com/, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons
https://www.scientificanimations.com/, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Летниот период и високите температури го зголемуваат ризикот од појава на цревни инфекции, односно инфекции кои се пренесуваат преку храна и вода и затоа навремената превенција, правилната термичка обработка и чување на храната, како и употребата на безбедна вода, се клучни за намалување на ризикот од овие заболувања. Одговорните во Институтот за јавно здравје објавија препораки за заштита од заболувања што се пренесуваат преку храна.

„Заболувањата кои се пренесуваат преку храна и вода настануваат после внесување во организмот на човекот, храна или вода која е контаминирана со инфективни или токсични агенси. Во речиси 90% од случаите, овие заболување ги предизвикуваат бактерии, но можат да бидат предизвикани и од други инфективни агенси (вируси, паразити). Најчести заболувања се салмонелоза (Salmonella enteritidis) – честа при консумирање на недоволно термички обработени јајца, месо или млечни производи, потоа, акутна алиментарна интоксикација (Staphylococcus aureus) – честа во лето, кога високите температури овозможуваат побрзо размножување на бактеријата и зголемено производство на ентеротоксини во храната од животинско потекло. Друго заболување е кампилобактериоза (Campylobacter jejuni) – најчесто преку сурово или недоволно печено пилешко, а неретки се и инфекции со Escherichia colli особено ентерохеморагична инфекција (EHEC) – преку недоволно обработено месо, свежо млеко и зеленчук“, пишува во објавата на ИЈЗ.

Друго заболување е шигелоза и тифусна треска (Shigella spp., Salmonella typhi), кои се пренeсуваат преку контаминирана вода и нечисти раце, како и хепатитис А, кое се пренесува преку загадена вода, овошје, зеленчук или школки.

„Најосетливи на труење со храна се децата, постарите лица, трудниците и лицата со ослабен имунитет. Најчести симптоми кои може да се јават после консумирање на храна и вода со сомнителна здравствена исправност се: повраќање, проливи, покачена телесна температура, главоболка и вртоглавица, нарушена ресорпција на хранливи материи, болки и грчеви во стомакот, како и придружни инфекции на други органи. Ако почувствувате некои од наведените симптоми и се сомневате на користење на храна или вода со сомнителна исправност, обратете се кај вашиот матичен доктор или во најблиската здравствена установа“, советуваат во ИЈЗ.

Оттаму препорачуваат да се следат советите од стручните лица, а во меѓувреме населението да се хидрира со исправна вода.

„Чувањето на веќе подготвената храна на собна температура, особено во топлите летни месеци, овозможува брзо размножување на инфективните агенси и лачење на нивни токсини и е најчеста причина за настанување на заболувањата кои се пренесуваат преку храна. Во летните месеци и во ситуации кога има нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем пратен со повремен недостаток на чиста вода, се зголемува ризикот од појава и ширење на болести кои се пренесуваат преку загадена храна и вода. Високите температури ја забрзуваат контаминацијата и размножувањето на микроорганизмите, а недостигот на чиста вода ја отежнува личната хигиена, подготовката и чувањето на храната“, велат во ИЈЗ.

Оттаму препорачуваат да се внимава со хигиената, да се заштити просторот во кујната и храната од инсекти, животни и други штетници, правилно да се подготвува храната и термички да се обработува.

„При подгревање на храната, темелно да се загрее. Да се избегнува подготвување и консумација на храна од свежи, термички непреработени животински намирници (кремови, сладоледи, крем сирења и сл.). Обработката на сирова, термички непреработена и термички обработена храна да се врши на различни работни површини, со различен прибор и во различни садови. Свежиот зеленчук, овошјето и салатите треба темелно да се измијат под силен млаз вода – пред јадење, сецкање или готвење, па дури и кога се излупени“, се наведува во препораките на ИЈЗ.

Преземено од Мета.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен