„Ловците на бури“ во срцето на ураганот Мелиса: Снимки што ја откриваат суровата моќ на природата

Ураганот Мелиса, една од најмоќните тропски бури забележани во последната деценија, моментално беснее над Карибите, оставајќи зад себе разорени области и предупредувања за евакуација долж источните брегови. Со ветрови што надминуваат 280 километри на час, овој ураган од петта категорија се движи кон Куба и Бахамите, заканувајќи се со катастрофални последици и огромни врнежи што би можеле да предизвикаат поплави и свлечишта.

Екипажот на резервистите од американските воздухопловни сили, познат како „Ловци на урагани“, во понеделникот влета директно во окото на ураганот Мелиса – најсилната бура што досега е регистрирана во 2025 година – со цел да собере прецизни податоци за Националниот центар за урагани.

Во објавеното видео, снимено при летот низ внатрешноста на ураганот, пилотите опишуваат неверојатна глетка:
„Влегуваме од југоисток веднаш по изгрејсонце – а светлосниот лак на северозападниот ѕид на окото е од зраците што се прелеваат преку врвот зад нас“, навеле членовите на екипажот.

Со брзина на ветерот до 282 километри на час, Мелиса е ураган од петта категорија и моментално најмоќната природна сила на планетата оваа година.

Бурата веќе ја погоди Јамајка доцна синоќа, предизвикувајќи сериозни оштетувања и поплави, а според прогнозите, ќе продолжи да се движи кон источна Куба и Бахамите во наредните денови.

Снимките на „ловците на бури“ – направени во најопасните услови на Земјата – уште еднаш потсетуваат на импресивната, но и застрашувачка сила на природата, пред која човештвото може само да се восхити – и да се подготви.

Извор: N1info.rs

Зачлени се на нашиот е-билтен