Манастирот што лекува зависници со „таен напиток за детоксикација“

Во манастирот Ват Там Крабок, на околу 140 километри северно од Бангкок, секој ден десетици тајландски мажи стојат во ред за да влезат во врела парна бања, иако надвор температурата изнесува 35°C. Потоа пијат темнозелен „таен“ напиток од над 100 состојки, додека во позадина свири музика. Неколку минути подоцна, сите заедно повраќаат клечејќи на подот.

Овој необичен и непријатен ритуал е дел од процесот на детоксикација за зависници од опасната дрога јаба – комбинација од метамфетамин и кофеин, позната и како „луд лек“. Манастирот е познат по својата уникатна метода и досега низ програмата поминале над 100.000 луѓе, кои пред почетокот на третманот положуваат свештена заклетва дека ќе се откажат од дрогата.

„По повраќањето, се чувствувам омамено, но потоа ми е подобро, како сите токсини да го напуштиле моето тело“, изјави еден од пациентите, Акадеч.

Друг пациент, по име Флук, вели дека земал по 10 таблети јаба дневно за да може да работи на градежните објекти. „Кога не ја земав, не можев ни да станам од кревет“, раскажува тој. Неговиот другар Тон додава: „Јаба беше секаде – на работа, во маало. Ја користевме за да издржиме.“

Проблемот со јаба и регионот на „Златниот триаголник“

Јаба се произведува масовно во Мјанмар, во регионот познат како „Златниот триаголник“, каде се сретнуваат границите на Мјанмар, Тајланд и Лаос. Овој некогашен центар на трговија со опиум денес е жариште на синтетичката дрога. Граѓанската војна во Мјанмар создаде безаквие и идеални услови за производство на метамфетамин.

Новинарите на Sky News се приклучиле на тајландските воени единици кои на терен се борат против вооружени криумчари. Војниците патролираат низ густите џунгли, барајќи групи кои носат ранци со по 200.000 до 300.000 таблети – некои вооружени со АК-47 пушки.

„Кога ќе ги сретнеме, ги претресуваме. Но често почнуваат да пукаат“, вели поручникот Кетсопон Нопсири.

Пукoвникот Ануват Пунјанун додава дека дрогата се произведува во етнички малцински области во Мјанмар каде властите немаат пристап, а тие групи ги користат средствата за финансирање на своите милиции.

Метамфетаминот – лесен и евтин за производство

Во предградие на Бангкок неодамна беа запленети осум милиони таблети јаба. Таблетите се особено привлечни поради ниската цена – понекогаш чинат само 10 пени по парче.

Бенедикт Хофман од Канцеларијата на ОН за дрога и криминал објаснува: „Кај синтетичките дроги, нема граници – доволно е да имате хемикалии, добар хемичар и место каде ќе ги мешате. Можете да произведете колку сакате.“

Тоа довело до експлозивен раст на производството и трговијата со метамфетамин. Во 2024 година, во Источна и Југоисточна Азија беа запленети рекордни 236 тони – 24% повеќе од претходната година.

„Кога ја пробаа – станаа зависни“

Заменикот-опат на манастирот, фра Аџан Вичит Акаџито, вели дека владата сега се труди да ја контролира ситуацијата, но порано била премногу попустлива. „Имаше време кога дозволуваа до пет таблети јаба по лице. Тоа ги поттикна луѓето да ја пробаат. А кога ја пробаа – станаа зависни.“

Иако Тајланд е водечка земја по заплени на јаба во регионот, побарувачката е огромна, а границите долги – што им овозможува на многумина да ја заобиколат контролата.

Манастирот Ват Там Крабок останува последна надеж за илјадници мажи кои сакаат да се ослободат од канџите на зависноста – со повраќање, парна бања и темнозелен таен напиток.

Зачлени се на нашиот е-билтен