Мистерија од длабочините на Земјата: откриена огромна гравитациска аномалија

Во јануари 2007 година, над источниот Атлантски Океан се случило нешто што ниту еден човек на површината не можел да го почувствува, но сателитите го забележале – гравитацијата на Земјата се „поместила“ на начин кој до денес останува мистерија.

Сега, речиси две децении подоцна, нова анализа на податоците од мисијата GRACE на NASA и германскиот DLR открива дека тогаш се појавила гравитациска аномалија со размери на континент, која траела повеќе од една година пред повторно да исчезне.

Сигнал од длабочините
Тимот на геофизичарката Шарлот Гогн Гурантон од Универзитетот Paris City смета дека причината за овој феномен е огромна прераспределба на маса на длабочина од околу 3.000 километри, близу до границата на Земјиното јадро.

Сателитите од мисијата GRACE се дизајнирани да ја мерат гравитацијата со неверојатна прецизност. Најчесто тие бележат промени предизвикани од топење глечери, движење на подземни води или покачување на нивото на морето. Но сигналот од 2007 година бил поинаков – толку голем што не можел да се објасни со површински процеси.

Гравитациски „потпис“ и магнетен трзај
Аномалијата се појавила како двоен гравитациски образец – засилена гравитација во еден појас и ослабена во друг – кој се протегал околу 7.000 километри. Истовремено, други сателити регистрирале и geomagnetski trzaj, нагла промена во магнетното поле на Земјата на истата локација.

Овој синхронитет упатува дека двете појави имаат заеднички корен – длабински процеси во близина на течната надворешна јадка.

Минералот што ја менува својата форма
Научниците веруваат дека клучот се крие во минералот бриџманит, најзастапениот во плаштот. Под екстремни услови тој може нагло да ја смени својата кристална структура, со што значително ја менува и густината. Таквиот „фазен преод“ би предизвикал брзо прераспоредување на масата, доведувајќи до забележаната гравитациска аномалија – и можеби до магнетниот трзај.

Загатка која допрва ќе се открива
Иако хипотезата сè уште треба да биде потврдена, новите резултати отвораат прашања за тоа како изгледаат процесите во внатрешноста на нашата планета. Некои сеизмички податоци веќе покажале чудни „купчиња“ материјал во близина на јадрото, а оваа аномалија можеби е поврзана токму со нив.

„Идентификувавме сигнал кој не може да се објасни со водени процеси на површината, ниту со движење на течности во јадрото,“ пишуваат истражувачите. „Најлогичното објаснување е дека гледаме брзи промени во масата длабоко во плаштот.“

Мистеријата од 2007 година, тивко „запишана“ во бројките на сателитите, денес нè потсетува дека Земјата е далеку подинамична – и понепредвидлива – отколку што ја замислуваме.

Зачлени се на нашиот е-билтен