Американската агенција за храна и лекови го одобри првиот лек за слабеење во форма на таблета, што претставува значајна пресвртница во лекувањето на прекумерната телесна тежина. Информацијата ја соопшти производителот, данската фармацевтска компанија Novo Nordisk.
Според компанијата, таблетата се зема еднаш дневно и нуди ист ефект како и досегашната неделна инјекција. За разлика од слични препарати кои првично се наменети за лекување на шеќерна болест тип 2, овој лек од самиот почеток е развиен исклучиво за слабеење.
Клиничките испитувања покажале дека корисниците во просек изгубиле 16,6 проценти од телесната тежина, а околу една третина од учесниците намалиле 20 проценти или повеќе од својата тежина. Во испитувањата учествувале приближно 1.300 лица.
„Пациентите ќе добијат практична таблета што се зема еднаш дневно и може да помогне да се изгуби исто толку тежина како и со оригиналната инјекција“, изјави извршниот директор на компанијата.
Се очекува таблетата да се појави на американскиот пазар на почетокот на јануари 2026 година.
Одобрувањето на новиот облик на лекот веднаш предизвика позитивна реакција на берзата, при што акциите на компанијата пораснаа за речиси 10 проценти по затворањето на тргувањето во Њујорк.
Во Европската унија лекот засега е одобрен само како неделна инјекција и е достапен во одделни земји со лекарски рецепт. Таблетата сè уште не е одобрена за европскиот пазар, а одлуката на европските регулаторни тела се очекува најрано во втората половина на 2026 година.