Најдолгото затемнување на Месечината во последните три години ќе се случи на 7 и 8 септември

На почетокот на септември 2025 година човештвото ќе биде сведок на редок астрономски феномен – целосно затемнување на Месечината, кога Земјата, нејзиниот сателит и Сонцето ќе се најдат во совршена линија.

Настанот ќе трае околу 1 час и 22 минути, што го прави најдолгото затемнување на Месечината од 2022 година досега. Во текот на овој период, Месечината ќе добие карактеристична крваво-црвена боја.

Затемнувањето ќе може да се набљудува од повеќето делови на светот – Европа, Африка, Азија и Австралија – со што повеќе од 7 милијарди луѓе ќе имаат можност да го проследат. Од нив, околу 6,2 милијарди ќе ја видат целосната фаза.

Феноменот настанува кога Земјата го засенува својот природен сателит, блокирајќи ја речиси целата сончева светлина. Сепак, дел од зраците со подолги бранови должини минуваат низ атмосферата и го обојуваат Месечиниот диск во црвенкаста нијанса – истиот ефект што го прави небото црвено за време на зајдисонце.

За да се следи точниот почеток според локалната временска зона, корисни се онлајн алатки како „Timeanddate.com“.

Астрономите потсетуваат дека затемнувањата на Месечината секогаш се случуваат во близина на затемнување на Сонцето. Така, по оваа небесна појава, на 21 септември ќе следи делумно затемнување на Сонцето, кое ќе биде видливо само од Нов Зеланд, Антарктикот, дел од пацифичките острови и источниот брег на Австралија.

Зачлени се на нашиот е-билтен