Лекари развијаа специјални капки за очи наменети за лица со далековидост, кои би можеле да ја заменат потребата од очила за читање или хируршка интервенција. Истражувањата покажуваат дека повеќето пациенти можат да прочитаат дополнителни линии на тест-табли за вид по третман со капките двапати дневно.
Стотици милиони луѓе ширум светот страдаат од презбиопија – состојба кога очите тешко фокусираат предмети и текст одблиску. Обично решението се очила или операција, но многумина сметаат дека носењето очила е непрактично, а операцијата не е достапна или прифатлива за секого, пренесува RTS.
Сега експертите велат дека решението може да биде едноставно – користење капки за очи два пати на ден.
Истражувањето беше претставено на седница на Европското друштво за хирургија на катаракта и рефрактивна хирургија (ESCRS) во Копенхаген. Резултатите покажуваат дека повеќето испитаници можеле да прочитаат дополнителни линии на таблите за проверка на видот по користењето на капките.
Капките содржат пилокарпин, лек кој ги стеснува зениците и го контрахира мускулот што го контролира обликот на очната леќа за полесно фокусирање на различни растојанија, и диклофенак, нестероиден антиинфламаторен лек кој ја намалува воспаленоста.
Во студијата учествувале 766 лица во Аргентина, кои користеле капки двапати дневно – по будење и повторно по шест часа. Тие биле поделени во три групи со различни концентрации на пилокарпин (1%, 2% и 3%), додека дозата на диклофенак била иста.
- Кај групата со 1% пилокарпин, речиси сите од 148 испитаници можеле да прочитаат најмалку две дополнителни линии.
- Во групата со 2% (248 пациенти), 69% успеале да прочитаат три или повеќе дополнителни линии.
- Кај групата со 3% (370 пациенти), 84% прочитале три или повеќе дополнителни линии.
„Нашиот најважен резултат покажа брзи и трајни подобрувања на видот на близина кај сите концентрации. Само еден час по примањето на првите капки, пациентите имаа просечно подобрување од 3,45 Јегерови линии. Третманот, исто така, го подобри фокусот на сите растојанија“, изјави д-р Ѓована Беночи, директорка на Центарот за напредни истражувања на презбиопија во Буенос Аирес.
„Импресивно, 99% од пациентите во групата со 1% пилокарпин постигнаа оптимален вид на близина“, додаде таа.
Најчести несакани ефекти биле привремено замаглување на видот, иритација при аплицирање на капките и главоболка.
Експертите ги поздравија резултатите, но повикаа на дополнителни, поголеми и долгорочни мултицентарски студии за да се потврди безбедноста и ефикасноста пред овие капки да станат широко достапна терапија.