Научници открија 7.000 години стари мумии во Сахара кои не споделуваат ДНК со современи луѓе

Истражувачи од Институтот „Макс Планк“ за еволутивна антропологија открија две мумии стари околу 7.000 години во пештерското засолниште Такарко̀ри, лоцирано во југозападниот дел на денешна Либија. Она што го направи ова откритие особено зачудувачко е фактот што ДНК-анализата покажала дека тие не споделуваат гени со ниту една позната современа популација, вклучувајќи ги и оние од Субсахарска Африка, со кои се очекуваше да имаат најголема сличност.

Некогаш зелена Сахара
Пред околу 14.800 до 5.500 години, за време на таканаречениот Африкански влажен период, Сахара не била пустина, туку плодна савана, богата со вода, вегетација и живот. Во тој период, климатските услови биле идеални за рано сточарство и земјоделство, а луѓето почнале да се населуваат во регионот, меѓу нив и оваа досега непозната популација од Неолитот.

 Мистериозна генетика
Мумиите, кои се остатоци од женски сточари, биле природно сочувани во аридната клима на пустината. Иако ДНК ретко добро се зачувува во такви услови, истражувачите предводени од археогенетичарката Нада Салем успеале да извлечат доволно фрагментирани генетски податоци за да направат анализа.

Наместо да покажат сличност со Субсахарските популации, што би било логично со оглед на географската локација, генетскиот профил на овие жени укажува на врска со антички северноафрикански популации кои се одвоиле од субсахарските уште пред илјадници години. Тоа значи дека во Сахара постоеле генетски изолирани заедници со посебна историја и потекло.

Што значи ова откритие?
Ова откритие не само што ја ревидира нашата слика за населението на античка Сахара, туку и отвора нови прашања за миграциите, климатските промени и генетската диверзитет во древна Африка. Истовремено, потсетува дека пустините како Сахара не секогаш биле неплодни, туку и домови на напредни заедници со сложени култури и неочекувано генетско потекло.

Истражувањето е уште еден доказ дека приказната за човештвото сè уште крие тајни длабоко закопани во песоците на времето.

Извор: Popular Mechanics

Зачлени се на нашиот е-билтен