Научниците открија нов вид древен влекач со необична „грпка“ на грбот

Пред околу 247 милиони години, на Земјата живеел влекач со необична карактеристика — голема „грпка“ на грбот која досега не била позната кај овие праисториски суштества. Меѓународен тим на научници, предводен од холандскиот палеонтолог Стефан Спикман, го идентификува новиот вид и го нарече „Мирасаура“.

Фосилот е пронајден во една стара колекција во Државниот музеј за природна историја во Штутгарт, а потекнува од ископување во каменолом во Лорена, Франција, кое датира уште од 1930-тите години. Благодарение на современите техники како компјутерска томографија и детална анализа на пигментите, научниците успеале да откријат нешто неверојатно — „грпката“ на грбот не била ниту пердуви, ниту коса, ниту лушпи, туку сосема нова структура на кожата.

Оваа необична кожа, како што откриле, најверојатно служела за визуелна комуникација, а не за летање или за одржување на телесната температура — што претставува голема новина во разбирањето за функциите на кожата кај древните животни.

„Откривањето на Мирасаура значи дека еволуцијата нудела многу повеќе можности за израстоци и форми на кожа отколку што досега мислевме,“ вели Спикман.

Овој вид на влекач се појавил веднаш по масовното истребување што се случило пред околу 250 милиони години — период кога екосистемите биле празни и влекачите почнале да ги пополнуваат овие празнини.

Истражувањето е објавено во престижното списание „Nature“ и отвора нови перспективи за тоа како древните ‘рбетници развивале различни форми и функции на својата кожа.

Зачлени се на нашиот е-билтен