Кометата 3I/ATLAS, откриена ова лето, предизвика огромен интерес во научната јавност поради тоа што доаѓа од друг ѕвезден систем, што ја прави само третата позната меѓуѕвездена посетителка на нашиот Сончев систем.
Нејзиниот необичен изглед и движење поттикнаа некои истражувачи да шпекулираат дека можеби станува збор за вештачки објект, па дури и вонземски вселенски брод. Професорот Ави Лоеб од Харвард, познат по своите контроверзни теории, посочи дека промените во орбитата би можеле да укажуваат на „маневрирање“ на објектот.
Сепак, по бројни набљудувања и анализи, астрономите заклучија дека 3I/ATLAS е природна комета, составена од мраз, јаглерод диоксид и прашина, без докази за вештачко потекло.
Професорот Марк Норис од Универзитетот во Ланкашир изјави дека, иако кометата има невообичаени карактеристики – меѓу кои и феноменот на таканаречен „анти-реп“, кој се протега во насоката на движењето наместо спротивно – не постои ништо што би укажувало дека е создадена од вонземска цивилизација.
„Да бидам јасен – и покрај бесмислиците што кружат на интернет, кометата 3I/ATLAS е вистинска комета. Таа е составена од природни материјали и не покажува никакви траги на вештачко потекло,“ напиша Норис на платформата X (поранешен Твитер).
Тој додаде дека ова небесно тело едноставно ќе го обиколи Сонцето, а потоа ќе продолжи своето патување низ галаксијата, можеби кон некој далечен ѕвезден систем.
„Ако еден ден стигне до друга населена планета, се надевам дека таму ќе ја ценат како што заслужува – како природен, недопрен гласник од далечна галаксија. Зар тоа само по себе не е доволно чудесно?“ – заклучи Норис.

