Научник најавува можен „настан на црн лебед“ додека мистериозниот објект 3I/ATLAS се доближува до Земјата

Меѓуѕвездениот објект 3I/ATLAS, кој денес треба да помине во близина на Земјата, повторно го разгоре интересот и загриженоста на научниците и љубителите на вселената. Дел од експертите предупредуваат дека оваа комета, со големина приближна на Њујорк, би можела да претставува т.н. „настан на црн лебед“ – редок и непредвидлив космички феномен со потенцијално големо влијание.

Објектот првпат бил забележан од научниците на НАСА на 1 јули, преку системот ATLAS (Asteroid Terrestrial-impact Last Alert System), и претставува третиот меѓуѕвезден објект забележан во нашиот Сончев систем.

Она што предизвикува најголем интерес е неговото непознато потекло. Познатиот астрофизичар од Харвард, Ави Лоеб, тврди дека постои 30 до 40 проценти веројатност дека 3I/ATLAS не е природно создаден објект, туку технолошки артефакт. Според него, снимките покажуваат дека кометата развива „забавувачки потисок“, што би можело да укажува на контролирано движење, слично на вселенско летало.

Во заедничка научна статија со истражувачите Адам Хиберд и Адам Кроул, Лоеб наведува дека „доколку објектот поседува активна интелигенција, тогаш постојат две можности – неговите намери може да бидат или добронамерни, или злонамерни“.

Иако ваквите тврдења предизвикуваат сензација, Лоеб истакнува дека нема причина за паника, туку само за внимателно набљудување. Тој ја опишува ситуацијата како потенцијален „настан на црн лебед“, односно редок космички настан што може да го промени нашето разбирање за универзумот.

Во моментов, кометата се наоѓа зад Сонцето, поради што е невидлива за земјините телескопи. Очекувањата се дека ќе биде повторно видлива на 2 ноември, кога европската сонда JUICE ќе го насочи своето внимание кон неа во рамки на својата мисија кон Јупитер.

Објектот ќе го достигне своето најблиско приближување до Сонцето (перихел) околу 30 октомври, кога ќе се наоѓа внатре во орбитата на Марс. Лоеб наведува дека токму во овој момент може да се случи нешто неочекувано поради т.н. Обертов ефект, физички феномен што им овозможува на вселенските летала поефикасно користење на горивото при големи брзини.

Иако некои ентузијасти шпекулираат дека 3I/ATLAS би можел да биде „мајчин вселенски брод“, Лоеб со доза на иронија додава: „Ова не е момент да празниме полици со тоалетна хартија, но дефинитивно вреди внимателно да го следиме.“

Зачлени се на нашиот е-билтен